КОВАЧЕВСКИ СО ПОРАКА ОД ТРИБИНАТА До крај ќе го истераме и полноправно членство во ЕУ

Ковачевски се осврна и на опозицијата. Според него, целта на Левица и нивните заложници ВМРО-ДПМНЕ е да запалат оган, за да мислат луѓето дека им е топло, а при тоа да не забележат дека горат токму нивните чевли.

861

Направивме голем успех за државата. Ако претходно успеавме со полноправното членство во НАТО, ние, СДСМ со поддршка на граѓаните, до крај ќе го истераме нашето полноправно членство во Европската Унија. Бидете убедени во тоа, рече премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски вечерва на голема национална трибина „Силно и одлучно кон иднината” во Скопје.

Ковачевски додаде дека најважно од се е што успеавме да создадеме и искрени пријатели во светот кои сакаат да ни помогнат, а во регионот заедно со претседателот Вучиќ и премиерот Рама си помагаме и ги намалуваме нашите проблеми во Отворен Балкан.






– Кој можеше да претпостави дека во една година ќе биде признаена Македонската православна црква, дека македонскиот јазик ќе е потврден во ЕУ со договорот за ФРОНТЕКС? Кој можеше да претпостави дека тој договор ќе биде потпишан од сите земји членки и истовремено одобрен и од Грција и од Бугарија? Кој можеше да препостави дека во Грција ќе се регистрира Центар за македонски јазик? Дека нашата медиумска информативна агенција ќе отвори своја канцеларија во Софија? Е тоа се придобивките од државничките одлуки – рече Ковачевски.

Тој се осврна и на енергетската трансформација, која вели, дава резултат, за само 10 месеци веќе имаме 141 мегават инсталиран капацитет, што во нашата историја се нема досега случено, а до крајот на мандатот ќе имаме речиси 300 мегавати инсталиран електричен капацитет, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска во Скопје.

– До крајот на овој мандат, ние ќе имаме речиси 300 мегавати инсталиран капацитет, практично половина од годишното производство на РЕК Битола, или пак ако веќе споредуваме, тоа е неколку пати поголем инсталиран капацитет од сите досегашни инвестиции изминативе три децении. Е тоа е успех, така се сака својата држава! – рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски во преполната сала Борис Трајковски каде што вечерва се одржува централната, национална трибина „Силно и одлучно кон иднината”.

Во однос на економијата потенцира дека инвестициите во домашната економија од реномираните странски компании се зголемија, и за само 10 месеци се отворени нови, подобро платени, над 2000 работни места, а инвестициите во инфраструктурата интензивно продолжија.

– Конечно ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид, без ниту едно понатамошно одлагање, како во минатото. Експресниот пат до Прилеп се гради, и конечно вистински започнаа работите на патното и железничкото поврзување со Бугарија! Реконструкцијата на магистралните патишта се интензивира, како што не застана и поддршката за изградба на локалните патишта – рече Ковачевски.

Тој додаде дека во услови на глобална криза рекордно е зголемена и минималната плата и пензиите.

Ковачевски се осврна и на опозицијата. Според него, целта на Левица и нивните заложници ВМРО-ДПМНЕ е да запалат оган, за да мислат луѓето дека им е топло, а при тоа да не забележат дека горат токму нивните чевли.

– Oвие пиромански политики се реална закана за земјата, за сегашните и идни генерации, закана да се попречи европскиот пат, а државата да се врати во неизвесност и изолација, во внатрешни поделби на народот – оцени Ковачевски.

Тој додаде дека за опозицијата сѐ што е демократска институција, дебата, контрола, аргументи е најголем непријател, бидејќи немаат ниту знаење, ниту аргументи и го користат народот како свој штит.

– Постојано создаваат кризи. Кога се опозиција доволно е на граѓаните да им понудат лаги и омраза. Кога се власт – мора и нешто повеќе. Е за тоа не ги бива. Погледнете го само примерот на Скопје и сѐ ќе ви биде јасно. За само една година, направија пепел, комплетно го блокираа животот и развојот во градот. И повторно, прават кризи, растурања, блокади. Впрочем, само тоа и го знаат најдобро, покрај криминалот – рече Ковачевски.

Премиерот рече дека со нив и слични клонови, земјата беше заробена држава и беа потребни години за да се вратиме во групата демократски држави. Тој додаде дека во секое време опозицијата нуди широк избор на лесни и лажни одговори на тешките прашања, но никако не сакаат да помогнат да се решат. Ковачевски рече дека за неговите политички противници само две работи се важни – фотелјата и парите и за нив ништо друго не постои.

– И едните и другите ги спојува пристапот на создавање на внатрешни и надворешни непријатели. А демек, тие биле народот. И ниту еднаш не понудија аргументи, рационални причини, логика. Но затоа, секој ден сејат само лаги, стравови, црнила – за да го остварат својот интерес. И не треба да ги анализирате премногу, и едните и другите, и наводно леви, и наводно десни – личат како јајце на јајце. Имаат лошо однесување. Се обидуваат да печалат поени со пцовки, со закани, со влечење по улици и бришење подови – нагласи Ковачевски.

Поврзани содржини