КОВАЧЕВСКИ СИ КУПИ ЖОЛТА НА САЕМОТ ЗА ХРАНА И ПИЈАЛАЦИ Над 200 мали производители изложија свои производи (ВИДЕО)
40 здруженија учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата.
Премиерот Димитар Ковачевски си купи ракија на првиот национален саем за храна и пијалоци. За жолтата плати 350 денари.
Тој рече дека за оваа дознал уште во Белград за време на саемот на Отворен Балкан и тогаш сите му ја фалеле дека е многу добра.
Над 200 мали производители – изложувачи на храна и пијалаци и 40 здруженија учествуваат на првиот национален Саем за храна и пијалаци – Вкуси ја традицијата, што денеска во организација на Слоуфуд Македонија со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа во Градскиот парк во Скопје.
– Ова е вистинската слика за тоа што значи оваа наша македонска земја – богатство на вкусови, мириси, бои и богатство за сите сетила. Затоа и манифестации како оваа посветени на македонското земјоделство и гастрономијата, кои ја имаат мојата и владината поддршка, се многу важни – рече Ковачевски на отворањето на саемот.
Тој нагласи дека на нашата македонска трпеза се вкрстуваат вкусовите на многу цивилизации кои создале многу уникатни и колоритни превкусни комбинации кои се одамна дел од нашата традиција.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски рече дека денешниот саем е пред се, саем на македонските производи, на македонската храна и на македонската традиција.
-Би сакал преку денешниов саем – „Вкуси ја традицијата”, да ја испратам клучната порака, да ја почитуваме храната, да си ја чуваме традицијата наследена од нашите баби и дедовци, бидејќи таа е најголем доказ дека овде векувал народ кој со генерации ја пренесувал убавината и радоста на животот. Искрено посакувам, овој саем да има одржливост низ годините, да се развие во култен настан кој ќе ја слави македонската храна и традиција и да прерасне во долгогодишен проект – рече Николовски.