КОВАЧЕВСКИ СЕ СРЕТНА СО АМБАСАДОРОТ НА КОСОВО Разговарале за гранични олеснувања и за енергетиката
На состанокот е разговарано за унапредување на соработката меѓу двете држави во процедурите за гранични олеснувања и за други актуелни прашања, како што се состојбите во енергетиката.
Премиерот Димитар Ковачевски, се сретна со Флоријан Ќехаја, новиот амбасадор на Република Косово во земјава. На состанокот е констатирано дека Северна Македонија и Косово имаат пријателски и конструктивни билатерални односи, базирани на дијалог и без отворени прашања, соопшти владината прес-служба.
Исто така разгледани се можностите околу терминот на одржување на втората меѓувладина седница помеѓу Северна Македонија и Косово во текот на 2022 година, се наведува во соопштението од Владата.
Во соопштението се наведува дека заеднички е оценето дека определеноста и на Северна Македонија и на Косово, кон развој на добрососедските односи е значајно за напредокот на целиот регион.
Во таа насока, како што стои, премиерот Ковачевски го поздрави постигнатиот договор околу документите помеѓу Косово и Србија и соопшти дека нашата држава поддржува натамошен дијалог помеѓу Белград и Приштина со цел нормализирање на односите и со тоа гарантирање на мирот, стабилноста, безбедноста на целиот регион.