КОВАЧЕВСКИ ОЧЕКУВА ДА ОСВОИ 61 ПРАТЕНИК Вели дека е спремен да преземе одговорност за грешките
Јас веќе на почетокот ви кажав дека знам што ги загрижува граѓаните, бидејќи ако некој знае што е она што ги загрижува, тогаш тоа сум јас и ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени тогаш тоа сум јас. Јас сум подготвен тоа да го направам, вели Ковачевски.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски во интервју за МИА вели дека коалицијата „За европска иднина“ ќе освои 61 пратеник и ќе формира проевропска влада. Тој очекува победа на изборите и на нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски.
– Над 61 пратеник ќе има коалицијата „За европска иднина“ и коалиционите партнери и ќе формираме проевропска влада со која што Северна Македонија ќе има многу јасен правец во однос на тоа каде ќе се движи и како ќе обезбедиме подобар европски животен стандард за граѓаните. Јас веќе на почетокот ви кажав дека знам што ги загрижува граѓаните, бидејќи ако некој знае што е она што ги загрижува, тогаш тоа сум јас и ако некој треба да преземе одговорност за грешките што се направени тогаш тоа сум јас. Јас сум подготвен тоа да го направам. На првиот ден кога ќе формираме влада јас ќе поднесам уставни измени во делот на реформи на Судскиот совет, во делот на изборот, траењето на мандатите, што е тоа истакнат правник, начинот на санкционирање, оценување итн. на секој член на судскиот и на правосудниот и обвинителскиот систем. Истото тоа се однесува и на политичарите – вели тој.
Во врска со најавата на техничкиот министер за надворешни работи Бујар Османи за преиспитување на учеството на нашата земја во иницијативата Отворен Балкан, Ковачевски вели дека Отворен Балкан е оригинална иницијатива што потекнува од регионот формирана од три држави – Македонија, Албанија и Србија и која што е заснована на четирите слободи на Европската унија.
– Таа во својата суштина, во својот фундамент ги има постулатите на функционирањето на Европската Унија, а тоа е слободното движење на луѓе, слободно движење на капитал, на производи и слободно движење на услуги. И кога ќе ги погледнете иницијативите коишто беа направени во рамки на Отворен Балкан тие се токму тоа. Од друга страна, политичарите како во избори, даваат изјави што треба, што не треба. Јас останувам на ставот дека регионалната соработка е исклучително важна. Постојат 72 регионални иницијативи во Западен Балкан, една од нив е Отворен Балкан – вели Ковачевски.
На прашањето кога би можело да се случат уставни измени имајќи ги предвид изјавите од албанскиот блок тоа да биде пред формирање влада или до Нова година, но и од германскиот пратеник дека ВМРО-ДПМНЕ до Нова година би усвоиле уставни измени, Ковачевски вели дека „кога ќе соберат храброст во секој момент можат да се јават во СДСМ“ и кај него и во Собрание да се изгласаат уставните измени.
Ковачевски вели дека претседателот на државата треба да се бира на непосредни избори бидејќи тој треба да биде независна интегритетна фигура која што ќе биде коректив на политичките партии, којшто ќе ги претставува сите граѓани, а не да ги претставува политичките партии.
Тој смета дека има обиди и мешање на трети страни не само во изборите туку и во секојдневниот политички живот во Македонија.
– Секако дека и од моите изјави што сум ги давал во минатото, но и од изјави од наши стратешки партнери на високи претставници се чувствува во Македонија влијание на трети страни особено на оние што се поврзани со Русија или со некои нивни сателити, преку политички партии или преку одредени организации сакаат да влијаат на наметнување на реторика поинаква од онаа што граѓаните на Македонија ја сакаат и ја заслужуваат – вели Ковачевски.