НИ ПАРИ, НИ КАФЕ На превозниците им преседна средбата со премиерот
Очекуваме Управниот одбор на ЈСП и службите на Град Скопје, како надлежни за случајот, да се изјаснат по извештајот на Управата за јавни приходи. На тој начин ќе има основа за суштинска расправа на средбата што ја најави премиерот Ковачевски. Очекуваме тоа да придонесе кон побрзо решение на проблемот, вели владината прес-служба.
Приватните превозници на кои ЈСП Скопје им должи 1,5 милиони евра, сѐ уште чекаат премиерот Димитар Ковачевски да ги повика на средба како што им вети, и покрај тоа што Извештајот на УЈП уште во средината на декември утврди дека претпријатието има долг, но од него немаат абер.
Од кабинетот на Ковачевски за Плусинфо велат дека владата и натаму поддржува решение на проблемот на приватните превозници во Скопје.
– Очекуваме Управниот одбор на ЈСП и службите на Град Скопје, како надлежни за случајот, да се изјаснат по извештајот на Управата за јавни приходи. На тој начин ќе има основа за суштинска расправа на средбата што ја најави премиерот Ковачевски. Очекуваме тоа да придонесе кон побрзо решение на проблемот – вели владината прес-служба.
Во меѓувреме денеска во 12 часот истече првиот рок од јавниот повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници на линиите со број 20 и 22.
Од Град Скопје за МИА велат дека резултатите ќе бидат соопштени откако ќе истече рокот, како и по неколку дополнителни денови поради чекање евентуални пријави по пошта.
Повикот беше објавен пред еден месец и на него, како што информираше Град Скопје, немаат можност да конкурираат превозниците од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, поради прекршување на одредбите од претходниот договор од нивна страна. Неможноста за јавување на нов конкурс трае една година од денот на раскинување на претходниот договор.
Пропадна јавниот оглас за доделување на линии за приватните автобуси 20 и 22, зашто ниту еден од приватниците не се пријавил. Од „Слобода превоз“ за Алфа велат дека Град Скопје свесно оди контра приватните превозници, а сиот товар паѓа врз грбот на патниците кои долго време чекаат автобус. Велат дека нема шанси Градот да најде превозници за толку краток рок. Од Град Скопје кој го објави јавниот оглас, откако ги раскина договорите со приватните превозници, нема никаква информација. Како што е наведено во огласот, за „покривање“ на линијата 20 потребни се 10 автобуси и 23 возачи, а за 22 – 10 автобуси и 21 возач.
– Очекувана е состојбата дека нема никој да се пријави на тој т.н. оглас, кој претставува само и само обид за разбивање на единството на приватните превозници. Како и секоја нивна иницијатива, јас би рекол – глупост, како што почна, така и ќе заврши, но тој проблем останува понатаму. Маќејата, односно градоначалничката, ги осуди сите граѓани на Скопје со немање превоз – вели за Алфа, Ќемал Муриќ, возач на приватен автобус во „Слобода превоз“.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и од „Макекспрес“ започнаа со протести во главниот град на 28 ноември, кога со околу 30 автобуси ги блокираа крстосниците на булеварите Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков кај ТЦ „Мавровка“, со барање да им бидат исплатени заостанати долгови од ЈСП за да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход по овој протест, приватните превозници на 5 декември со околу 200 автобуси блокираа неколку фреквентни точки во главниот град, односно крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, кај Црвениот крст и булеварот Илинден. По ова беа „одблокирани“ крстосниците кај „Мавровка“ и кај Црвениот крст, но превозниците останаа да протестираат уште десетина дена на булеварот Илинден околу седиштето на Град Скопје, по што сепак решија да ги прекинат, со цел, како што најавија, да му дадат простор на дијалогот што го предложил премиерот Димитар Ковачевски.