КОВАЧЕВСКИ НЕМА ЛЕГИТИМИТЕТ Села смета дека Заев треба да го истера мандатот до крај или да распише предвремени избори
До овој момент Алијанса за Албанците има две директорски места и тројца заменици директори, како и директорски места во средни училишта, рече Села.
Доволна причина за да има предвремени парламентарни избори е недостигот на легитимитет на власта, изјави денеска претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на последната средба со новинарите за оваа календарска година, оценувајќи ја 2021 како „година на скандали на Владата“.
– Главните актери во власта немаат легитимитет. Ковачевски нема легитимитет, бидејќи тој што победи на изборите беше Заев, а не Ковачевски, за да може да биде мандатар за формирање Влада. Зборот на Заев е даден пред јавноста и тој треба или да продолжи до крај ако може или да распише избори. Али Ахмети и ДУИ, исто така, немаат легитимитет да бидат дел од таа власт. Дојдоа со ветувањето дека ќе има премиер Албанец, а сега по втор пат гласаат премиер Македонец. Зошто не го гласаа Насер Зибери? Сега е моментот. Политичката партија која во првите 100 дена не ги исполни дадените ветувања, од тој момент го губи легитимитетот. Африм Гаши и Алтернатива немаат легитимитет, бидејќи имаат добиено гласови заедно со Села и со Алијанса за да донесат промена во албанското општество и да ја пратат ДУИ во опозиција – рече Села.
Според него, треба да се формира преодна Владата, која „од институциите ќе ги искорени партиските службеници, кои се таму за да поддржуваат криминалци, за да заплашуваат граѓани и да купуваат гласови“, и по една година, во октомври, да се одржат избори.
– Целта е за оваа една година граѓаните бидат ослободени и слободно да ја искажат нивната волја со глас за која политичка партија сакаат – истакна Села.
Одговарајќи на новинарско прашање за коалицијата на Алијанса за Албанците со ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво, односно за Скопје, Села посочи дека сѐ уште траат преговорите за тоа кои сектори во Град Скопје ќе ги водат кадри на неговата партија.
– До овој момент Алијанса за Албанците ќе има две директорски места и тројца заменици директори, како и директорски места во средни училишта. Алијанса за Албанците ќе се грижи да се зачува нивото на застапеноста на Албанците во Скопје и да се унапреди – посочи Села.
Тој најави дека „фамозниот проект“ ветен од поранешниот градоначалник за експресна автобуска линија до Порта Влае, ќе продолжи до Сарај.
– Дел од договорот беше и да се решат имотно-правните работи и надоместокот на неколку жители на селото Рашче, од каде цело Скопје се снабдува со вода. Шпекулации се најавите дека албанските населени места се исклучени од инвестициите – изјави Села, обвинувајќи го лидерот на ДУИ, Ахмети дека во преговорите што ги водел „се откажал од половина власт, само за да ја зачува власта во Скопје“.
Села оцени и дека во земјава функционира половична демократија и дека сегашната власт е „слична на режимот кој падна во 2017 година“.