КОВАЧЕВСКИ Е НОВ ЛИДЕР НА СДСМ Ќе ја враќа довербата кај граѓаните и членството

Наша е одговорноста за сѐ што ќе се случува во партијата и во државата, ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за обединување, рече вечерва Ковачевски.

1,269

Димитар Ковачевски е избран за нов лидер на СДСМ на денешното вонредно внатрепартиско гласање.

Кандидатот Јован Деспотовски освои 3.319 гласа, Фросина Ременски освои 2.836 гласа, а Ковачевски 37.649 гласа. Неважечки биле 602 ливчиња. На 194 места, вкупно гласале 44.406 членови на СДСМ.






Ковачевски им се заблагодари на Фросина и на Јован и рече дека имало фер натпревар.

– Вечерва СДСМ одржа уште една лекција по демократија, но од утре мора да засукаме ракави и да се фатиме за работа. Наша е одговорноста за сѐ што ќе се случува во партијата и во државата, ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за обединување – рече Ковачевски.

Тој му заблагодари на досегашниот претседател на СДСМ Зоран Заев.

– Не само што оствари многу значајни победи во СДСМ, туку и со неговата храбрсот сите нѐ мотивираше и инспирираше. Заев го консолидираше СДСМ во многу тешки услови, го сруши режимот на Груевски, ја внесе државата во НАТО, нѐ научи што е партиско другарство, ни остави аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој. Вечерва завршуваме со ветувањата, од утре почнуваме со реализиација. Многу работа за да ја вратиме довербата на граѓаните и на членството – рече Ковачевски.

Пред него, збор имаа кандидатите Деспотовски и Ременски.

– Искрени честитки за Таче, честитки за Фросина за машката борба. Таче ќе ја има обврската заедно со сите нас да се обидеме уште повеќе и уште подобро и да бидеме вистинска авангарда во регионот – рече Деспотовски и најави дека продолжува со неговиот Концепт 28 и дека веќе од утре од срце ќе продолжи да работи за партијата како обичен член.

Ременски му честиташе на Ковачевски за изборот, но и на Деспотовски со кого рече дека деновиве делеле идеи за обединување на СДСМ.

– Очекував поголема излезност на внатрепартиските избори. Но тоа е предизвик за сите нас, сето она што не сме го направиле во изминатиот период да го направиме подобро и да ги послушаме сите позитивни и негативни критики. Обединети заедно со Концептот 28 ќе го вратиме СДСМ на победничките шини – рече Ременски.

Таа рече дека ќе му го понуди својот критички однос на новиот лидер на СДСМ. А нејзината кандидатура имала симболика за „16 дена активизам“.

На крајот од вечерашната прес конференција се појави и Зоран Заев кој даде оставка од лидерската позиција по поразот на СДСМ на локалните избори. Тој им честиташе на кандидатите, но не одржа говор.

 

Поврзани содржини