„КОВАЧЕВСКИ Е КУКАВИЦА, НО ЈАС ГО РАЗБИРАМ, ТОА Е КАРАКТЕР“ Мицкоски вели дека премиерот не може да се менува на негова возраст
Ете му бел лист хартија, нека седне нека напише датум. Еве, нека напише датум и блиску до тие два големи празници, зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, зборувајќи за потребата да се одреди датум за избори, рече дека едно е сигурно, дека кога тогаш премиерот Димитар Ковачевски ќе мора да се соочи со него на избори.
– Бега од дуели, од дебати, од новинари, бега од предвремени избори… Да се биде кукавица е карактер и ги разбирам, не треба да се срамат од тоа, има плашливи луѓе кукавици и тоа е карактер не се менува на 47/8 години. Но мора ова да го направиме ако навистина се грижиме за интересот на граѓаните и за развојот на Македонија како држава. Ме прашавте дали е 5 или 8 мај, јас и во мојот говор кажам, ете му бел лист хартија нека седне нека напише датум. Еве нека напише датум и блиску до тие два големи празници зборувам за Рамазан Бајрам и за Велигден, нека одлучи и ќе прифатиме. Нека одлучи, нека го ослободи општеството, денеска има ручек со Ахмети и Груби нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло нека го бара – истакна Мицкоски.
Мицкоски одговори и на повикот на претседателот на Собранието Талат Џафери партиските лидери да седнат и да се договорат за датумот на изборите.
– Ако ВМРО-ДПМНЕ ги иницира тие состаноци, тогаш ќе се јави Талат Џафери и ќе рече дека е претседател на Собранието и логично е тој да ги иницира, па потоа ќе бидеме напаѓани зошто ние ги инцираме, а зошто тој не. Затоа рековме, нека седнат и нека се договорат, јас имам информација дека денеска ќе имаат работен ручек Ковачевски, Ахмети и Груби, нека седнат нека се договорат и нека кажат, тој и тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеси се клучни за иднината на Македонија – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешната посета во Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање во однос на работни групи за изборите.
Тој потсети дека треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за изборното законодавство.
– Не е само терминот проблем, бегаме од суштината, зборуваме за дрвото, а не ја гледаме шумата. Имаме сериозни препораки од ОБСЕ/ОДИХР кои треба да се имплементираат во изборниот законик, а препораките на ОБСЕ/ОДИХР, знаете, 6 месеци пред избори не треба да се отвора изборен законик, а ние сме помалку од 6 месеци, и повторно ќе интервенираме затоа што некој е кукавица и не сака да излезе и да се соочи со граѓаните – изјави Мицкоски.