Ковачев: Во Македонија живеат Македонци кои го зборуваат македонскиот јазик
Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем.
Во Македонија живеат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик и тоа е реалност, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.
– Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец… – вели Ковачев во интервју за порталот „МКД“.
Ковачев додава дека за земјава да влезе во ЕУ ќе мора да се решат историските прашања. Затоа, вели, многу е битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.
Тој истакнува дека Македонија нема да биде помалку ценета и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ја признае историската реалност и порачува дека работењето на заедничката комисија за историја мора да има брз напредок во решавањето на прашањата зашто одложувањето на работата не и оди во полза на нашата земја.
– Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем. Сега најважно е да се избегнат одложувањата на работата на оваа комисија. Мора да има брз напредок. Секое одложување на работата на оваа комисија не е во интерес на Македонија – вели Ковачев