Костовски тврди дека има 791 оштетен штедач а не 3.000 како што тврди Здружението

1,528

Трифун Костовски денеска го обвини Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка дека се служи со манипулативни податоци во однос на бројот на оштетените. Костовски најави и кривична пријава против Петар Трајков, претседател на Здружението.

„Повеќе од јасно е дека ова Здружение на оштетени штедачи, кои велат дека ги има 3.000 оштетени семејства, се служат со манипулативни податоци. Согласно информациите кои ги поседуваме, 791 физичко лице имаат побарувања од Еуростандард банка“, наведува Костовски.






Тој најави дека, како што вели, поради континуирана клевета од Трајков, кој го именувал како криминалец, ќе покрене кривична пријава за клевета.

„Господинот Петар Трајков кому му ја доверивте палката да ве претставува, вас оштетените штедачи, за жал, не е човек кому му се доверува оваа многу значајна позиција. Дали личи на претседателот на оштетените штедачи да ми каже при првата средба цитирам „зошто не ѝ дадовте 100-200 илјади евра на гувернерката за да не ја носи банката во стечај?“ Вчудовиден бев и избезумен од ваквиот настап на вашиот прв човек, кој при втората средба повторно ме подучуваше со мито да пријдам кон судиите на Уставниот суд, со цел да донесат одлука во корист на штедачите, за да на крајот финишира со зборовите: „Ти го отстапувам моето побарување од Еуростандард банка за 50%, ти да ме исплатиш, бидејќи ти имаш добри релации со Заев“. Немав намера да озборувам, меѓутоа однесувањето на господинот Петар Трајков е крајно дволично, недолично, исклучиво бранејќи го сопствениот интерес. Време е да согледате кој ви е вистински пријател во оваа борба, а кој непријател“, им порача Костовски на оштетените штедачи.

Поврзани содржини