КОСТОВСКИ ДО ЦАРОВСКА, ЈО И МВР Покренете постапка за отказ и кривична одговорност на наставникот тепач
Доколку институциите молчат јас како градоначалник веднаш по преземањето на функцијата ќе искористам се што е во моја законска надлежност овој случај да не остане неказнет, вели новиот градоначалник на Бутел.
Малтретирање и изживување со децата не само што не е дозволиво, туку и треба најстрого да биде казнето. Најостро го осудувам настанот со тепањето на ученик од ОУ Панајот Гиновски кое се наоѓа во населбата Бутел 2, вели новоизбраниот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски.
– Видеото кое излезе на социјалните мрежи покажува како не смее да постапува еден наставник. Наставникот не само што го тепа детето, туку со ваквиот чин нанесува тешка траума на ученикот. Директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка согласно чл.130 и чл. 143 од КЗ – порачува Костовски.
Тој потенцира дека одговорност мора да има, како и дека на насилниците не им е местото во училиштата.
– Наставникот треба да образува и воспитува, а не да застрашува, малтретира и шиканира. Децата од учичиште мора да излезат со знаење, а не со трауми. Стоп за насилството врз децата. Доколку институциите молчат јас како градоначалник веднаш по преземањето на функцијата ќе искористам се што е во моја законска надлежност овој случај да не остане неказнет – вели новиот градоначалник на Бутел.