На Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје итно ѝ е потребен апарат за лабораториска анализа на вируси за да може да го убрза протокот на пациенти сомнителни на ковид-19, кои во сѐ поголем број се примаат на болничко лекување, пренесува Сакамдакажам.
Директорот на болницата Кристијан Костов вели дека болницата е спремна да одговори на потребите за лекување на заразени со коронавирус, но најголем проблем е што во неа не се вршат тестирања и на резултатите од Институтот за јавно здравје некогаш се чека и до два дена, а во Ургентниот центар се примаат пациенти од целата држава кои имаат потреба од каква било здравствена услуга.
– Имаме услови, имаме простории, имаме специјалисти биохемичари, имаме искусни лаборанти кои знаат да работат во болнички услови и многу ќе биде корисно да ја убрзаме постапката на прием на пациенти со тоа што самите ќе можеме да откриеме дали некој што има друга мака е позитивен на коронавирус, или не – вели Костов.