Костадинов: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ знаат само да грабаат, не знаат како да вратат пари на граѓаните
ВМРО-ДПМНЕ веднаш да ги врати милионите за кои се обвинети функционери на партијата и за кои дел веќе има пресуди. Мицкоски веднаш со Груевски да ги врати од Белизе парите кај граѓаните - вели портпаролот на СДСМ.
Христијан Мицкоски загубен во своите деструкции и блокади, немајќи ништо друго да им понуди на граѓаните, реши да копира концепти и политики од СДСМ, обвинува портпаролот на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов.
– Неговото „Македонија за сите луѓе“ е бледа копија на „Живот за сите“ исто како и концептот „Парите кај граѓаните“. ВМРО-ДПМНЕ е партија која знае само да граба од граѓаните, да ги краде парите и да ги троши на непродуктивни и криминални проекти. Не може партија која 11 години земаше од граѓаните денеска да вели дека ќе ги враќа парите назад кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ беше против укинување на радиодифузната такса и против воведувањето на дневна евтина тарифа на струјата – вели Костадинов.
ВМРО-ДПМНЕ како што рече Костадинов, се противеше на проектот Мој ДДВ а преку овој проект за две години СДСМ врати 36 милиони евра назад кај 400 000 граѓани.
– Минималната плата е покачена од 9.000 денари, на 15. 200 денари, просечната плата за само 4 години ја зголемивме за 6 000 денари. Да потсетиме, првите соработници на Мицкоски се противеа на зголемувањето на минималната плата. Покачени се платите во сите сектори, во здравство, во образование, полиција, во армијата, во социјалната и детска заштита. Пензиите во просек се зголемени за 2.000 денари за четири години. ВМРО-ДПМНЕ како власт не ги исплаќаше законските усогласувања, а како опозиција се противеше на зголемувањето на пензиите. Социјалната помош е зголемена за 300%, а трајно е решен проблемот на 13.000 стечајни работници – додаде Костадинов.
Во последниве година и половина како што рече, се изгласаа шест пакети мерки кои Владата предводена од СДСМ ги креираше за спас на работните места, за враќање на парите кај граѓаните во вкупна вредност од 1,6 милијарди евра.