КОСТА ПЕТРОВ ПОДНЕСУВА ОСТАВКА ОД ДИРЕКТОР НА ФИТР Тој денеска ги презентира и резултатите на Фондот за париод од 4 години о
Вкупната вредност на сите 669 проекти финансирани од Фондот до јуни 2021 изнесува вкупно 88 милиони евра, од кои 55 отсто биле ко-финансирани од Фондот, а 44 отсто од самите компании, со просечна вредност по проект од над 132 илјади евра.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, денеска преку социјалните мрежи информира дека поднесува оставка.
„Ова е моја последна активност како директор на Фондот за иновации и технолошки развој. Голема благодарност до сите наши партнери, корисници, интернационални организации и членовите на Националниот стартап совет за безрезервната поддршка овие 14 месеци. Најголема благодарност до моите колеги од ФИТР за рекордните успеси во 2021 година“, напиша Петров.
Тој во објавата споделува и резултати на Фондот постигнати во изминатите неколку години кои се дел од пошироката анализа која беше објавена денеска.
Според него, на ниво на портфолио, компаниите поддржани од ФИТР за период 2017-2020 оствариле кумулативен пораст на приходите од 50 отсто, додека кумулативниот пораст на профитот на целото портфолио за анализираниот период изнесува 75 отсто.
Ко-финансираните грантови имаат најголем ефект кај македонските стартапи, при што растот на приходите на стартапите, една година пред финансирањето и две години по финансирањето е дури 197 отсто.
Петров, овие податоци денеска ги соопшти и на прес-конференција на која рече дека овие резултати се и добар индикатор за тоа како можеме да ја зголемиме ефективноста и ефикасноста во искористувањето на средствата и ко-финансирањето на Фондот од што пак најголем бенефит ќе имаат македонските иновативни компании.
Тој, рече дека секторите со најдобар перформанс се оние кај кои човечкиот фактор има најголемо значење, односно ИТ секторот со вредност од 21,27 милиони евра и вкупни 171 ко-финансиран проект и “Start-Up/Spin-Off” со вкупна вредност од над 6 милиони евра, просечни приходи кои бележат пораст од 197 отсто, раст на добивка од 105 отсто и 119 отсто зголемување на бројот на вработени.
Вкупната вредност на сите 669 проекти финансирани од Фондот до јуни 2021 изнесува вкупно 88 милиони евра, од кои 55 отсто биле ко-финансирани од Фондот, а 44 отсто од самите компании, со просечна вредност по проект од над 132 илјади евра. Во истиот период, бројот на нови работни места во компаниите од портфолиото е зголемен за преку 2.500, а буџетските расходи на компаниите, односно приходите за државниот буџет во вид на даноци на добивка, персонален данок и придонеси за вработените изнесуваат дури 26 милиони евра.