КОСТА К. САКАЛ ДА ОСТАНЕ ЗАПАМЕТЕН КАКО ПСИХОПАТ Момчето откри кој му рекол дека е нестабилен
На прашањата дали би ги убил врсниците ако немал оружје и ако татко му не го водел во стрелиште, тој повторил дека немало да го стори тоа.
Момчето убиец Коста К. од Србија, на сведчењето против неговите родители во средата изјавил дека сакал луѓето да го доживуваат како психопат и така да остане запаметен, пишува српски „Блиц“. На прашањето дали некој некогаш му рекол дека е психопат, Коста рекол дека тоа му го кажал татко му.
Иако судењето е затворено за јавност, српските медиуми повикувајќи се на изјави на очевидци изнесуваат детали од неговото сведочење, и од одговорите што тој им ги давал на родителите на убиените деца.
На второто рочиште од судењето Коста К. повторно нагласил дека родителите постојано го терале да биде најдобар во сè, но и дека масакрот никогаш немало да се случи ако татко му немал оружје и не го носел во стрeлиште да пука.
На прашањата дали би ги убил врсниците ако немал оружје и ако татко му не го водел во стрелиште, тој повторил дека немало да го стори тоа.
Коста К. рекол и дека немало да оди во стрелиште по првата посета ако не го фалеле дека е добар во гаѓање, пишува српски Курир, повикувајќи се на сопствени извори.
Според српските медиуми, момчето убиец се држи до приказната дека мета му биле учениците и од седмо одделение затоа што се чувствувал отфрлено и неценето, а рекол дека немал воопшто другари, па дека не му биле пријатели ниту децата што доаѓале во неговиот дом.
Во средата тој сведочел и дека го убил момчето кое го сметало за најдобар другар затоа што „не им помагало на другите деца“.
На голем број од прашањата поставени во судницата, Коста одговарал со: „Не знам и не се сеќавам“, но кога го прашале зошто ја извадил муницијата и го фрлил пиштолот кога дошла полицијата, тој ладнокрвно одговорил:
– Заради лична безбедност, за полицијата да не ме убие.
Коста К. вчера четири часа давал исказ пред Специјалниот суд.
Тој е специјален сведок во случајот против неговите родители Владимир и Миљана, а самиот даде согласност да одговара на прашањата.
Татко му е обвинет за тешко дело против општата сигурност, затоа што го носел синот во стрелиште, го учел да пука и му обезбедил пристап до оружје, додека мајка му е обвинета за незаконско држење оружје.
Коста К. во моментов се наоѓа во психијатриска болница и му е забранет секаков контакт со родителите.
Минатата година на 3 мај Коста К. застрела 9 соученици и еден чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во населбата Врачар во Белград.