КОСТА К. ПРВ ПАТ ИЗРАЗИЛ КАЕЊЕ ЗА ТОА ШТО ГО СТОРИЛ Заврши сослушувањето на момчето што изврши масакр во белградското училиште
Момчето е сослушано преку видео врска и одговорило на сите прашања на сослушувањето кое траеше четири часа. Родителите на жртвите видно потресени ја напуштиле судницата.
Коста Кецмановиќ, момчето убиец кое на 3 мај уби девет ученици и чуварот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, денеска имаше четиричасовно сослушување на кое за прв пат по масакрот тој изразил каење за стореното дело. Тоа го потврди адвокатката која го застапува таткото на момчето убиец.
– Детето на рочиштето го потврди тоа што таткото претходно го изјави и објасни за начинот на кој таткото го чувал и го складирал оружјето како и тоа дека тој повеќепати му дозволил контакт со оружјето. Момчето изрази каење за сѐ што направи – изјави адвокатката за Курир.
Адвокатите кои ги застапуваат семејствата на убиените, како и тројца родители излегле од судницата каде била воспоставена видео врска со психијатриската установа во која престојува момчето.
– На рочиштето присуствуваа адвокатите на семејствата, тројца родители од две семејства, бранителот на таткото на момчето, како и обвинителот на Вишото јавно обвинителство, кој го спроведе испитувањето. Момчето беше сослушано преку видео врска и одговори на сите прашања во врска со постапката против неговиот татко за тешко кривично дело против општата безбедност – потврдија за Курир.
Сослушувањето траеше четири часа. Родителите на жртвите видно потресени ја напуштија судницата, пренесуваат српските медиуми.