Косово уште долго ќе сонува за вакцина против ковид-19
Косово ги исполни процедурите како што треба, но како и да е, поради големите побарувања, целосното снабдување со вакцини од КОВАКС не се очекува да се случи пред втората половина од годинава - изјави Суниог.
Целосното снабдување со вакцината против коронавирусот од програмта КОВАКС за граѓаните на Косово не се очекува да се случи пред втората половина на 2021 година, најави шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, Томаш Суниог.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Суниог во интервју со Советот на европски инвеститори во Косово нагласи дека ЕУ е најголем донатор на програмата КОВАКС.
– Двете страни, и Владата на Косово и ЕУ, го прават најдоброто што можат за да се обезбедат вакцините што е можно поскоро. На пример, преку олеснителната програма КОВАКС Косово ќе добие бесплатно вакцини за 20 отсто од населението. Косово ги исполни процедурите како што треба, но како и да е, поради големите побарувања, целосното снабдување со вакцини од КОВАКС не се очекува да се случи пред втората половина од годинава – изјави Суниог.
Пред неколку дена, програмата КОВАКС информира дека во Косово до крајот на месецов ќе пристигнат околу 100 илјади дози на вакцината „АстраЗенека“.
Косовскиот премиер во оставка Авдулах Хоти минатиот месец информира дека владата, по различни канали, договорила набавка на околу два милиони вакцини.
Досега во Косово, од појавата на првите случаи во март минатата година, се регистрирани над 62 илјади заболени од ковид-19. Од нив починале 1.526 заразени, а активни носители на коронавирусот, според последните официјални податоци, се 6.791 лице.