Косово не го дава Африм Исмаиловиќ, осуден во „Монструм“

Законот во Северна Македонија овозможува секој што е осуден во отсуство да има право да бара повторено судење.

486

Основниот суд во Приштина го одби барањето на Министерството за правда на Македонија за екстрадиција на Африм Исмаиловиќ, осуден во случајот „Монструм“, објави порталот „Инфомакс“.

На Исмаиловиќ, како и на неговиот брат Агим и на Алил Демири, на 23 февруари оваа година повторно му беше досуден доживотен затвор за масакрот кај Смилковско Езеро. Останатите двајца обвинети, Фејзи и Хаки Азири, добија 15, односно 9 години затвор. Во меѓувреме, Сами Љута беше ослободен од обвинение во отсуство на докази.






И Исмаиловиќ и Демири се во бегство уште од убиствата на Велики Четврток, во април 2012 година.

На 1 април по сообраќајна несреќа во Косово, Исмаиловиќ беше однесен во полициска станица и е утврдено дека тој се бара со потерница. МВР беше известено дека лицето е идентификувано и е утврдено дека за него има барање за екстрадиција.

Портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски, во неделата, за МИА изјави дека косовската страна побарала гаранции дека доколку Исмаиловиќ биде екстрадиран во земјава, ќе има повторено судење.

– Тие гаранции Судот ги даде, и преку Министерството за правда уште пред десетина дена се веќе испратени. Сѐ уште нема одговор од косовска страна – потврди Видиновски за МИА.

Тој нагласи и дека до косовските власти е испратена информација дека буквално сѐ што им треба како гаранција, доказ, превод на пресуда, ќе им се излезе во пресрет со цел Исмаиловиќ да биде вратен во земјава.

– Министерството за правда ќе преземе сѐ што треба и ќе инсистира лицето Африм Исмаиловиќ да биде екстрадиран во Северна Македонија – додаде Видиновски за МИА.

Законот во Северна Македонија овозможува секој што е осуден во отсуство да има право да бара повторено судење.

Поврзани содржини