КОСОВЦИТЕ ЌЕ СЕ ЛЕКУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА, АМА ПО СКАПА ТАРИФА Министерот Меџити беспотребно си го навлече бесот на јавноста

Ако за снимање на магнетна резонанца приватно во Клинички центар се наплаќа 150 евра за сите наши граѓани кои не се осигуреници, толку ќе плати и косовски или албански државјанин, појасни лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, откако министерот за здравство Фатмир Меџити вчера ја разгневни јавноста дека „жителите на Косово не се странци во Македонија и дека тие ќе се лекуваат во Македонија по исти цени како и Македонците“.

1,516

Лекувањето на жителите на Косово во Македонија по „домашна тарифа“ е само пуста желба на министерот за здравство Фатмир Меџити, бидејќи и тој самиот е свесен дека пациент од странство не може да ужива ист третман како и пациент кој редовно плаќа данок.

Вака здравствените експерти со коишто разговараше Плусинфо ја коментираат вчерашната изјава на актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити дека „жителите на Косово не се странци во Македонија и дека тие можат да се лекуваат по исти цени како што се лекуваат и македонските државјани“.






Ваквата негова изјава предизвика бурни реакции во јавноста, па на терен, очигледно, мораше да интервенира партискиот шеф на Меџити, лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој денеска појасни дека граѓаните на Косово нема да се изедначат со македонските граѓани во делот на плаќање на партиципација, туку само во делот на приватното лекување.

– Ова практично значи дека цените на странските државјани ќе бидат исти како и за македонските граѓани кои немаат осигурување и се лекуваат во државните клиники и болници. Така што, ако за снимање на магнетна резонанца приватно во Клинички центар се наплаќа 150 евра за сите наши граѓани кои не се осигуреници, толку ќе плати и косовски или албански државјанин – вели Таравари.

Тој за Слободен печат објаснува дека ова е овозможено со билатерални договори меѓу државите и дека доколку не се направело, странците ќе продолжеле да одат во приватно здравство каде плаќале многу поевтино.

– На ваков начин ги враќаме странските пациенти во Јавното здравство. Порано сите одеа по приватните клиники каде им беше поевтино – вели Таравари.

И екс-министерот за здравство Беким Сали во разговор за Плусинфо забележува дека изјавата на Меџити не била баш најпрецизна за да би можеле да ја сфатиме идејата во целост, а според него, сето ова наликува само на пуста желба.

Сето ова ми изгледа најмногу како пуста желба на Меџити отколку што може да се реализира во пракса. Оти, процедури се во прашање.

Беким Сали Поранешен министер за здравство

– Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити не беше баш најпрецизен во изјавата за лекување на жителите на Косово во Македонија. Јас лично не гледам никаков проблем да се воведе такво нешто, бидејќи односите на двете земји се совршени. Меѓутоа, министерот само го пушти балонот во воздухот и се повлече без да ни ги објасни деталите – кои и колку пациенти ќе плаќаат 100% за лекувањето и дали ќе плаќаат партиципација 100% или ќе го плаќаат целиот износ 100%?! Сето ова ми изгледа најмногу како пуста желба на Меџити отколку што може да се реализира во пракса. Оти, процедури се во прашање. Најпрво треба да се утврди цена на услуга. Ние ги имаме утврдено цените на услуги во секоја клиника, но сега треба да се каже колкава ќе биде цената за странците во секоја од тие клиники. Во пракса, ако цена на една услуга изнесува 10 евра, тогаш таа цена важи за сите бидејќи лекувањето е приватно. Кога велиме „осигуреник на наша држава“, тоа значи дека тој партиципира во нешто што е општествено, но приватниот пациент не партиципира и тој не е осигуреник. Затоа велам дека не е јасна изјавата не Меџити, треба да се навлезе во детали. На крајот на краиштата, клиниките може да ја прифатат промената, но на крајот на годината товарот паѓа на Фондот за здравство, а не врз клиниките – објаснува екс-министерот.

Сали додава дека и самиот тој имал слична идеја која сакал да ја реализира додека бил министер за здравство, но за жал, како што вели, немал доволно време.

– Мојата идеја беше сите земји од Отворен Балкан да можат да си разменуваат пациенти врз основа на тоа која земја во кој оддел е најдобра и најквалитетна. На пример, ако ние сме најдобри во Онкологија, тогаш пациентите од регионот да можат да се лекуваат на Онкологија во Македонија. Ако Србите се најдобри во нешто и имаат најсовремена опрема, тогаш нашите пациенти да бидат испраќани на лекување во Белград. И плус, на пациентите од Врање повеќе им се исплати да дојдат на лекување во Скопје отколку да патуваат 300 километри дo Белград. Или, пак, на жителите на албанското погранично гратче Пешкопеја повеќе им одговара да се лекуваат во Струга отколку во Тирана. Таква една соработка во здравството мислам дека ќе придонесе за подобри и порелаксирани односи помеѓу државите – објаснува Сали.

Поранешниот директор на Фондот за здравство Ѓорѓи Тренковски, пак, вели дека ако здравствената услуга ја плаќа или ја субвенционира Фондот, тогаш не смее да ја користи човек кој не е осигуреник, вклучително и граѓанин на Република Македонија кој нема здравствено осигурување.

– Крај на приказната. Нема никакви шанси странец да користи услуги што ги финансира Фондот за здравство. Па кај би ни бил крајот ако е така? Значи, ако Фондот плаќа за нешто, а во принцип Фондот плаќа за сѐ, тогаш смешно е да зборуваме и воопшто да трошиме време на вакви теми. Фондот е здравствена осигурителна рамковна институција којашто плаќа за услугите на своите осигуреници и за никој друг. А ако пациентите си плаќаат за приватно лекување, тогаш Фондот нема никаква врска со тоа и не се меша. Инаку, Фондовите од земјите од регионот обично имаат соработка и имаат склучено договори. На пример, ако дојде српски турист во Македонија и ако му е потребна лекарска помош, тогаш тој ќе ја добие потребната лекарска помош, а Фондот во Србија подоцна ќе му се раздолжи на Фондот во Македонија – објаснува Тренковски за Плусинфо.

Фондот е здравствена осигурителна рамковна институција којашто плаќа за услугите на своите осигуреници и за никој друг.

Ѓорѓи Тренковски Поранешен директор на Фонд за здравство

Претседателот на Комисијата за здравство во ВМРО-ДПМНЕ Игор Николов вели дека нашето здравство нема доволни термини за нашите пациенти, а не и за пациенти од странство.

– Идејата на министерот за здравство Фатмир Меџити само дополнително ќе го искомплицира целиот процес за нашите пациенти а не за странците. Треба некој да го потсети Меџити дека е министер во Македонија и изгласан е од македонските даночни обврзници, па би требало повеќе да се грижи за македонските осигуреници. За жал, ако решат да го истуркаат ова, ќе го истуркаат – ни изјави Николов.

И од Министерството за здравство дадоа појаснување на изјавата на Меџити, дополнувајќи дека се работи за израмнување на цените, но за приватно лекување во јавното здравство.

Во врска со ценовникот за давање здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани.

„За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот“, појаснуваат од Министерството за здравство.

Митов: Ни Швајцарија не ги лекува своите соседи

Лекарот Александар Митов, магистер по јавно здравје, вели дека Македонија нема капацитет да ги лекува жителите од околните земји и дека тоа не го прават ниту Сингапур и Швајцарија за своите соседи.

„Дај Боже да имавме толку висок здравствен буџет па да ги лекуваме сите околни земји… Но, немаме. Па дури и Сингапур и Швајцарија не лекуваат граѓани на околни земји. Треба само површно познавање на буџетите на болниците за да се знае каква е реалната состојба. Значи, за некои работи не треба ни анализа за да се види дали се реални и можни. Треба само малку информираност и здрав разум. Но, не само пари, и последниве ги нема…“, напиша Митов на Фејсбук.

ШТО ТОЧНО ПЛАНИРА МЕЏИТИ? Бара исти цени за приватните здравствени услуги и за странците

Поврзани содржини