КОШТА НУДИ ЗАЕДНИЧКИ ЕВРОПСКИ ПРАТЕНИК ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА УКРАИНА „Ги цениме напорите на Трамп, ама само Киев одлучува кога ќе се преговара“

Би сакал билатералните разговори да ја отворат вратата за вистински мировни преговори, но само Украина може да реши кога има услови за тоа, рече денеска во Киев претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.

170

Ги поздравуваме огромните напори на американскиот претседател Доналд Трамп да ги натера Русија и рускиот претседател Владимир Путин да преговараат, но само Украина е таа што може да одлучи кога ќе бидат исполнети условите за почеток на ефикасни, кредибилни и одржливи мировни преговори, изјави денеска во Киев претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.

– Би сакал билатералните разговори да ја отворат вратата за вистински мировни преговори, но само Украина може да реши кога има услови за тоа – нагласи Кошта на прес-конференција на крајот на посетата на група европски лидери на Киев по повод тригодишнината од руската агресија врз Украина.






Кошта нагласи дека оваа војна не е поврзана само со Украина, туку и со европската безбедност, па затоа од суштинска важност е и Европа да биде присутна и да учествува во мировните преговори.

– Но, не само Европската Унија, туку и нашите пријатели како Норвешка, Исланд и Велика Британија, бидејќи сите тие се вклучени во поддршката за Украина и се многу загрижени за европската безбедност – рече Кошта.

Затоа, според него, ако се постигне договор за заеднички европски пратеник, кој нема да ја претставува само ЕУ, туку и останатите европски земји, тоа ќе ја зајакне позицијата на Европа. Кошта најави дека за ова прашање ќе се разговара на следниот специјален Европски совет, што тој вчера го најави за 6 март.

– Овој специјален Европски совет ќе биде за тоа како да ги зајакнеме нашите капацитети, како да инвестираме повеќе, подобро и побрзо во нашите способности, како да ги зајакнеме украинските капацитети, но и за тоа како да се подготвиме за активно учество на идните мировни преговори, ако до нив дојде – додаде Кошта.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од своја страна порача дека се додека нема видливи знаци дека Русија има вистинска волја да се постигне одржлив и праведен мировен договор не може да се говори за укинување на санкциите кон Москва.

– Санкциите се дел од нашиот пристап со кој сакаме мир преку зајакнување. Сè додека Русија не покаже со факти дека има вистинска волја да се постигне одржлив и праведен мировен договор, ние ќе ги зајакнуваме казнените санкции кон неа – нагласи Фон дер Лајен, во одговор на прашање како ќе реагира ЕУ на барањата од Вашингтон за укинување или олеснување на санкциите кон Русија.

Според неа, во моментов нема видливи знаци дека на повидок е постигнување одржлив и праведен мир, па затоа е рано да се говори за олабавување или олеснување на санкциите.

– Такви чекори ќе бидат можни само ако видиме конкретни чекори од страна на Русија, додаде Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека е видливо оти санкциите веќе има имаат големи последици врз руската економија, што резултира со виска инфлација и со тоа компании да ја напуштаат земјата.

Поврзани содржини