КОШАРКАРСКИ СПЕКТАКЛ ВО КУПОТ Куманово и МЗТ Скопје ќе се судрат за титулата

МЗТ Скопје Аеродром и Куманово ќе играат во финалето на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ по победите над Кожув и ТФТ во полуфиналето. Финалето започнува во 19 часот.

69

МЗТ Скопје Аеродром и Куманово ќе играат во финалето на националниот куп, откако во полуфиналните натпревари ги совладаа Кожув, односно ТФТ.

МЗТ Скопје шести пат по ред и вкупно 19-ти во својата историја обезбеди финале во Купот, откако убедливо го победи Кожув со 76:58. Иако гевгелискиот состав настапи без капитенот Бојчев и беше рамноправен во воведните минути (20:18 по првата четвртина), аеродромци го скршија отпорот до крајот на првото полувреме, на кое заминаа со предност од 46:28. Во продолжението МЗТ рутински ја одржуваше разликата и сигурно го приведе мечот кон крајот.






Најефикасен кај победникот беше Смит Мексвејн со 12 поени, додека Магдевски и Дамјан Стојановски постигнаа по 10 поени. Кај Кожув, Кузманов оствари 15 поени и 10 скока, Николас додаде 12 поени и 10 скока, а Симиќ постигна 12 поени.

Во второто полуфинале, Куманово како домаќин го совлада ТФТ со 87:79. Натпреварот беше неизвесен, но кумановци ја искористија поддршката од трибините и одиграа поцврсто во завршницата.

Николиќ беше прво име кај Куманово со 31 поен (7/9 за три поени), пет асистенции и пет скока. Луковиќ постигна 17 поени, Стевановиќ 11, а Ѓуроски 10 поени. Кај ТФТ, Дејвис реализираше 24 поени, Гордон 15, Ташовски 14 и Стојаноски 11 поени.

Финалето на 34. издание на Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“ ќе се игра со почеток од 19 часот.

Поврзани содржини