Корупцијата и верба во иднината
Стабилни јавни институции, базирани врз легитимност и непристрасност, се најважниот извор за јакнење довербата во едно општество. Шведскиот институт „Квалитет на владеењето“, кој функционира при Универзитетот во Гетеборг, анализирал податоци за различни региони во Европа. Основен заклучок е дека степенот на корупција во значаен обем варира во одделни земји, при што корупцијата, всушност, не ја одредува нивото на економијата, туку културата и историјата.
Три четвртини од децата кои умираат од дијареални заболувања во Танзанија биле лекувани во модерно опремени болнички клиники. Тие умираат и покрај тоа што болеста лесно се лечи, затоа што медицинскиот персонал ги продал лековите и им давал „шеќерни таблети“, или, пак, наместо да се присутни во одделенијата во клиниките, работат некаде на црно за да ги дуплираат своите примања.
Корупцијата и поврзаните проблеми со неа се тие што многу случаи убиваат и предизвикуваат страдање, а не недостатокот на лекови, здравствени или технолошки уреди. Ова беше констатирано во една шведска студија објавена пред извесно време, посветена на дисфункционалноста на јавните институции во глобални рамки.
Не би било ништо ново доколку се констатира дека и во Македонија се забележани низа слични примери на злоупотреби и скандали во јавното здравство. Корупцијата не ја поткопува само довербата на луѓето еден во друг. Тоа го влошува нивното здравје, го скратува животниот век, го деградира квалитетот на водата за пиење во сиромашните земји. Го спречува забрзувањето на општествениот развој и ја уништува економијата. Нема никакво сомнение дека корупција постои во сите делови на светот. Што се однесува до балканските земји, како што се нагласува во споменатата шведска студија, корупцијата е повисока отколку во некои африкански држави.
Стабилни јавни институции, базирани врз легитимност и непристрасност, се најважниот извор за јакнење довербата во едно општество. Шведскиот институт „Квалитет на владеењето“, кој функционира при Универзитетот во Гетеборг, анализирал податоци за различни региони во Европа. Основен заклучок е дека степенот на корупција во значаен обем варира во одделни земји, при што корупцијата, всушност, не ја одредува нивото на економијата, туку културата и историјата.
Регионите во Европа со високи нивоа на корупција често имаат историја на таканаречен клиентелизам, и феудални структури преку кои локалните моќници ја купувале лојалноста на одделени групи, ветувајќи подароци и делејќи привилегии. Тоа се случува онаму каде што е поважно да се познаваат вистинските луѓе, отколку да се почитуваат законите и прописите. Во Македонија одлично функционира таков парѕтиско-социјален код на однесување.
Според меѓународни проценки, развојот на правната држава назадува во разни делови на светот во текот на последната деценија. Правната држава е под постојан предизвик не само во сиромашните и во земјите во развој, какви што се балканските земји, туку и во земји што се сметаат за етаблирани развиени демократии.
Без правна држава, и без силни институции кои овозможуваат законодавството да се спроведува на предвидлив и непристрасен начин, нема ни суштинска демократија. Кога политичкото водство во една земја се обидува да ја сконцентрира власта во свои раце, тогаш како прва жртва паѓа правосудството, кое се потчинува на политичките одлуки. Првиот чекор во „прирачниците“ за владеење со авторитарни тенденции е да се доведат судиите во состојба да бидат подготвени да дејствуваат според волјата на политичките лидери. Токму затоа и јасно се гледа зошто некои земји тешко напредуваат на ранг-листите на „Транспаренси интеренешанл“. Граѓните гледаат и разочарано констатираат дека е сосема можно да се извлечеш од коруптивни кривични дела без казна, доколку „независните“ судии не можат, или не сакаат, да се дистанцираат од намигнувањето на политичарите.
Земјите од поранешниот источен комунистички блок, кои се членки во ЕУ повеќе од една и пол деценија, сè уште не успеваат во напорите за ограничување на корупцијата, чија најголема жртва е пред се осиромашеното население. Некои членки на ЕУ, како Бугарија, Унгарија и Романија, се вбројуваат меѓу покорумпираните земји во светски рамки.
Но во ЕУ постојано се зголемува притисокот за зајакнување на мерките за борба против корупцијата, како во рамките на самата Унија, така и надвор од неа. Европската комисија пред неколку месеци даде предлог за построги правила што ја криминализираат корупцијата, за еден поширок поглед на тоа што претставува кривично дело поврзано со корупција, како и за усогласување на казните во Унијата.
Казнување на тешките кривични дела на корупција во светот, според предлогот на Европската комисија, треба да биде прашање за кое ќе одлучува Министерскиот совет на ЕУ. Замислата е таквиот пристап да се користи како ударна тупаница против „сериозни корупциски дела“ во земји кои имаат слабо или непостоечко законодавство во областа. Македонија е секако добар пример во таков контекст.
Културата на подмитување, корупцијата и расипништвото со државни пари не се никаков пат што води кон успех, а што на разни нивоа јасно се рефлектира и во економијата. Причините зошто на земјите аспиранти за членство во ЕУ, меѓу кои и Македонија, постојано им се поттура на увид барањето за ефикасни реформи во оваа област, сигурно не е ниту неправедно ниту, пак, нереално барање.
Изборот да се пристапи кон коруптивни дејствија се прави свесно, при што искуствата се загрижувачки и не се сведуваат само на тоа колку често некој државен функционер отуѓил пари од државната каса или злоупотребил службени возила за приватни цели. Искуствата се загрижувачки, паралелно со тоа што перцепцијата во јавноста околу сеопфатноста на коруптивни однесувања во крајна линија се сфаќа и се доживува како нормална состојба во општеството.
Во земји во кои помалку или повеќе отворено се одвива неодговорно и алчно празнење на државната каса, ретко се случува некој да манифестира и принципиелен став на воздржаност и чесност. Како инаку да се објасни дека високи државни функционери во сиромашна земја како Македонија без ни најмала трошка чувство за одговорност ја злоупотребуваат својата положба за да си приграбат за себе привилегии и пари од државниот буџет? И тоа во земја во која прилично голем број граѓани преживуваат под прагот на елементарното човечко достоинство, додека илјадници други се иселуваат во потрага по подобар живот што постои на некое друго место.
Раширената корупција, пред која партиските елити лесно ги затвораат очите, е еден од главните фактори кои ја уништуваат вербата во иднината на едно општетство. И додека 70 проценти од македонските граѓани сметаат дека членството во ЕУ е најдобра опција, многумина млади од Македонија излезот го бараат во иселувањето. За жал, многумина резигнирано ќе речат – навреме се свестија да заминат одовде.