Корупција наместо култура

Ни во Америка не стивнува бурата околу „Аферата USAID“, кадешто сепак ја именуваат со вистинското име – културна војна. И за неа, барем во однос на Македонија, отворено го обвинуваат „големиот“ демократ Обама, кој не само што ги продолжи наследените војни туку започна и свои. И тоа оние крвавите. А ја започна и „шарената“ војна во Македонија.

641

Не случајно минатиот пат во насловот напишав дека ефтините луѓе упорно ќе воскликнуваат: да живее USAID. И дека ќе се појавуваат добронамерни, но и „добронамерни“ луѓе, заблудени демократи но и квазидемократи, кои ќе смислуваат илјада и едно „објаснување“ за онаа форма на (не)културна војна којашто, преку (за среќа) веќе покојната USAID, админстрацијата на излапениот Бајден, но и многу други Бајдени пред него, ја водеа (не само) против Македонија. А „добронамерниве“ ќе ни ја прикажуваат како полезна за нас. А профитерите ќе ни ги претставуваат како некаков најздрав дел од македонската млада („независна“) интелигенција. Па дајте, ве молам.

И сето тоа дури и наспроти цврстиот став на врвот на новата американска администрација за природата на тие коруптивни зделки на фамозната USAID (не само) кај нас, што ќе рече дека некои „наши мудерци“ знаат повеќе и подобро и од луѓето на Трамп. Но и тоа е вообичаен дел од нашиот политикантски фолклор: секогаш имаме такви „умни“ гласноговорници и застапници на (најблаго речено) идеолошки екстреми и коруптивни бизниси со меѓународната заедница.






Но, ако веќе мора да се изјаснуваме, еве и јас ќе кажам: жалам за затворањето на USAID! Жалам за оние 1-2% корисни нешта што ги направија за оваа држава, особено со финансирањето во заштитата на дел од македонското културно наследство. Но, кога таквата помош добива „идеолошки“ опашки и преминува во континуирано коруптивно роварење против една легална власт односно нејзино рушење, а во полза на други, наводно либерални односно демократски политикантски сили од форматот на Заев, Шеќеринска, Ахмети и компанија и нивното инсталирање како нова власт, тогаш нештата добиваат поинаков призвук, нели. Тогаш завршуваат демократските игри и чувства а стапуваат на сила други дефиниции. И тука треба да се појават надлежните структури, а „мудреците“ нека тртљаат што сакаат!

Или, приказната може да се постави и поинаку. На пример, зошто никој во таа USAID не се сетил да рече: абе дајте на овие слепци да им дадеме пари за една нормална енциклопедија! Или да им изградиме нов клинички центар за луѓето да не се малтретираат во онаа здравствена „зандана“. Или да им изградиме гасовод… и слични полезни нешта наместо да истураат пари во џебови на секакви идеологизирани кукли коишто де факто не се ни тоа. Тие немаат врска со идеологија, левица, демократија… туку се научени да одработуваат – се разбира за добри парични влогови – за секој што е подготвен да плати!

И повторно ќе го цитирам објаснувањето на пратеникот на американскиот претседател за специјални мисии Ричард Гренел, кој тврди дека со донациите на USAID „милијарди долари се дадени на левичарски невладини организации за спроведување на политиките во други земји“. Или, ако сакате, да не беа тие безобразно големи пари давани на коекакви македонски шушумиги за лична и партиска промоција, рејтингот на Америка ќе беше многу, многу повисок од овој сега. Којшто е понизок дури и од оној на еу (малите букви се…), што е еднакво на – катастрофа. Или, повторно, тие пари да беа давани за културни и инфраструктурни цели, па и за промоција на американската култура и уметност, како што Америка умеела да прави во минатото, ефектот ќе бил дијаметрално различен.

Или Бајден и компанија, и оние пред него – на пример „демократот“ Обама! – мислеле дека фрлањето пари во „Затвореното општество“, во финансирањето на некакви протуви кои се инфилтрираа во „Шарената револуција“ и ја однесоа таму кадешто ја однесоа, е еднакво на, на пример, ефектот на онаа славна светска патувачка изложба од 1958 година наречена „Новото американско сликарство“ со ѕвезди од форматот на Полок, де Кунинг, Ротко, Мадрвел, Њуман и многу, многу други? Што пак е дотолку повеќе запрепастувачко што целиот план за таа изложба го организирала ЦИА. Не директно, се разбира, зашто тоа би било антипропаганда за една таква мега-изложба, туку со пари на ЦИА претставени како спонзорство од милионерот и љубител на уметноста Јулиус Флајшман и неговата фондација „Фарфилд“. Сакам да кажам, оваа, сега покојна USAID не умеела да биде ни толку умна како ЦИА? Или проблемот кај нас е со инсталираните од USAID локални шерифи – самобендисани, приглупи, кратковиди и алчни типови – кои парите им ги трошеле за секакви будалаштини? И сега ние треба да ги жалиме?

Интересното прашање во случајов е дали таквите програми – како спомнатата изложба којашто се случува во времето на претседателствувањето на Ајзенхауер, републиканец – се вообичаени баш само за републиканските американски претседатели, додека демократите повеќе сакаат да корумпираат и да војуваат? Зашто, на пример, „прогресивниот“ демократ Труман, за делата на истите уметници, само неколку години претходно, рекол дека се „кочоперења на незрели мрзливи луѓе“ (sic!). Од друга страна, спомнатата изложба не била единствен таков голем културен настан што ја промовирал американската култура во светот туку Ајзенхауреовата ера памети и гостувања на многу џез уметници (дури и во тогашниот СССР), оперски рецитали, светско гостување на Филхармонискиот оркестар од Бостон итн., итн. Или тоа била некоја друга Америка? Веројатно.

Но тогаш, и ова била друга Македонија, каде американската култура била претставувана преку изложби на американскиот поп-арт, фотоуметниците како Мејплторп (на самиот врв на неговата светска слава) и Имоџен Канингам и др. Сега сето тоа е заборавено, а делумно и поништено низ призмата на некои локалци и нивните „проекти“ што буквално изеле милиони и милиони долари. И кои стануваат сѐ понервозни што некој чепка по нивните сметки со странците. Замислете кога и еу ќе ги отвори архивите кому сѐ давала пари за пропагандни агитации, за создавање „независна“ мрежа за сеење магла низ државава во полза на „побрзата“ и „поуспешната“ евроинтеграција на Македонија по теркот на Брисел и слично!

Меѓутоа, уште поинтересно е што ни во Америка не стивнува бурата околу „Аферата USAID“, кадешто сепак ја именуваат со вистинското име – културна војна. И за неа, барем во однос на Македонија, отворено го обвинуваат „големиот“ демократ Обама, кој не само што ги продолжи наследените војни туку започна и свои. И тоа оние крвавите. А ја започна и „шарената“ војна во Македонија. Оттука, зачудуваат крајно нерабирливите, и непотребните, обиди на некои социјални мрежи и медиуми да ги замолчат одгласите за аферата кај нас. Можеби и можат, барем делумно, ама како ќе интервенираат во САД? Или не е важно што таму се говори, важно овде да се молчи, да не се наштети на имиџот на оние македонски „величини“, на онаа „пајтон интелигенција“ секогаш подготвена да одработи за друг, но за добра награда?! И колкумина меѓу тие се дополнително наградувани последниве години од криминално-коруптивната коалиција со највисоки државни награди за тоа одработување?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини