Коронавирусот не се измори, туку станува поопасен
Вилер на прес конференција пренел дека се откриени повеќе мутации и дека во Германија во моментов е докажано присуство на три соја. Според него, најопасна е можноста дека британскиот сој (B1.1.7) и натаму ќе се шири.
Коронавирусот не се измори, туку со мутациите стана поопасен, предупредија денеска министерот за здравство на Германија Јенс Шпан и шефот на Институтот Роберт Кох Лотар Вилер.
Вилер на прес конференција пренел дека се откриени повеќе мутации и дека во Германија во моментов е докажано присуство на три соја. Според него, најопасна е можноста дека британскиот сој (B1.1.7) и натаму ќе се шири.
– Тој сој е позаразен и поопасен. Мора да спречиме оваа варијанта и натаму да се шири – вели Вилер.
Тој нагласил дека „вирусот се уште не се изморил“ и дека со мутацијата добил нов поттик, и дека поради тоа е важно граѓаните да ги почитуваат епидемиолошките мерки. Тоа што вирусот се менува и настапуваат мутации, истакнал министерот Шпан, е доказ дека „сме на негова трага“.
Тој истакнал дека од клучно значење е со која динамика ќе се шират новите соеви, и дека е неопходно да се работи на натамошно намалување на бројот на заразени. Тој натаму укажал на драматичните последици кои новите соеви можат да ги предизвикаат, наведувајќи ја како пример Португалија.
Присуството на британскиот сој во Германија, вели Вилер, помало е од 6 отсто, а докажано е неговото присуство во 13 од 16 покраини.
– Ситуацијата уште долго нема да биде под контрола – предупредил тој.
Вилер се осврнал и на ситуацијата во австриската покраина Тирол, каде изминативе денови се појавил јужноафриканскиот сој, и вели дека тоа можело да се спречи. Тој вели дека мора да се појде од тоа дека ќе дојде до натамошни биолошки промени кај вирусот, поради што се потребни нови ПЦР тестови.
Кога станува збор за вакцинацијата, Шпан изјавил дека претстојат тешки недели поради ограничувањето на испораката на вакцините, но додал дека до крајот на првиот квартал понуда за вакцинација ќе добијат сите од првата приоритетна група, а потао лицата со зголемен ризик и кои припаѓаат во чувствителната група.
Тој укажал дека Европската комисија моментно е при крај со разговорите со компаниијата Новавакс и дека сметаат на нови количества вакцини.