Короната предизвикува промени во крвните клетки, ова e последица на долгиот ковид

Можевме да откриеме јасни и долготрајни промени во клетките, и за време на акутната инфекција, но и по нејзиното завршување - рече биофизичарот Јочен Гак.

599

Зошто т.н. долг ковид трае толку долго или зошто некои кои имаат инфекција со коронавирусот со месеци по инфекцијата, сè уште имаат некои симптоми на болеста?

Според најновото истражување, долгиот ковид може да се должи на фактот дека вирусот предизвикува значителни промени во крвните клетки што може да се забележат дури и неколку месеци по првичната дијагноза.






– Можевме да откриеме јасни и долготрајни промени во клетките, и за време на акутната инфекција, но и по нејзиното завршување – рече биофизичарот Јочен Гак од институтот Макс Планк во Германија.

Гак и неговите колеги ја проучувале крвта на испитаниците користејќи софистициран систем „RT-DC“ кој може да анализира стотици крвни клетки во секунда за да провери дали има необични промени во големината и структурата на крвните клетки на испитаниците, пишува „Science Alert“.

Најголеми промени кај оние со тешки симптоми

Тие ја анализирале крвта на 55 луѓе: 17 пациенти со тешки симптоми на ковид-19 (од кои половина подоцна за жал починале), 14 пациенти кои ја надминале инфекцијата со коронавирусот и 24 волонтери кои не биле заразени со ковид-19. Преку 4 милиони крвни клетки поминаа низ системот „RT-DC“.

Резултатите покажаа дека црвените крвни клетки (еритроцити) на заболените од ковид се доста различни од оние на здрави субјекти и покажуваат знаци на нефлексибилност во физичката структура, што може да влијае на нивната способност да испорачуваат кислород.

– Физичките својства на еритроцитите се клучни за микроциркулаторниот проток и како такви, овие промени можат да ја ослабнат циркулацијата и да промовираат хипоксемија – објаснуваат научниците.

– Овој синдром може да опстане кај пациенти со долгорочен ковид по завршувањето на активната инфекција. Кај оние кои го надминаа ковидот и немаа симптоми на болеста, фенотипските промени не беа толку изразени, но сепак беа присутни – додаваат тие.

Промени во белите крвни клетки

Спротивно на тоа, лимфоцитите (бели крвни клетки) кај оние со тешки симптоми на ковид-19 беа помалку флексибилни, додека моноцитите (исто така бели крвни клетки) беа значително поголеми отколку во клетките на контролната група. Неутрофилите, друг вид на бели крвни клетки, имале бројни промени и повеќекратни деформитети кај пациентите со коронавирус.

Интересно, неутрофилите имаат многу краток век на траење, што трае само еден ден, но дека промените во неутрофилите кај пациенти со ковид сè уште може да се видат неколку месеци по инфекцијата, што укажува на тоа дека инфекцијата со коронавирус може да има траен ефект врз имунолошкиот систем.

– Додека некои од овие промени се вратија во нормалните вредности по хоспитализацијата, другите опстојуваа со месеци по отпуштањето од болницата, доказ за долгорочното влијание на ковид-19 врз нашето тело – наведуваат научниците.

– Постојаните промени во еритроцитите и неутрофилите може да бидат поврзани со долгорочни симптоми на ковид-19 кај пациентите, од кои 70% имале хронична главоболка или невролошки симптоми, 54% нарушувања во концентрацијата и 62% проблеми со циркулацијата и тахикардијата. Претпоставуваме дека трајните промени во физичкиот фенотип на крвните клетките може да придонесат за долгорочно оштетување на циркулацијата и испорака на кислород, што е поврзано со ковид-19 – додаваат експертите.

Студија наречена „Physical phenotype of blood cells is altered in COVID-19“ е објавена во „Biophysical Journal“.

Поврзани содржини