Короната ги менува нашите клетки, затоа толку долго ги чувствуваме ефектите
Причината научниците ја наоѓаат во фактот што короната може да ги менува нашите клетки. Црвените крвни клетки стануваат нефлексибилни, а деформитети има кај неутрофилите. Сѐ ова доведува до намален доток на кислород и долготрајна штета на нашиот имунитет
Зошто ковид-кризата трае толку долго во светот и зошто некои кои прележале корона и пред неколку месеци уште имаат симптоми на болеста?, прашува студија објавена во Biophysical Journal. Причината научниците ја наоѓаат во фактот што короната може да ги менува нашите клетки, пишува Science Alert.
– Можевме да откриеме јасни и долготрајни промени во клетките, и за време на акутната инфекција и по нејзиното завршување – вели биофизичарот Јохан Гак од институтот Макс Планк во Германија, објаснувајќи дека тоа може да е причината што некои луѓе имаа симптоми и откако ќе прележат.
Гак и неговите клеги ја анализирале крвта на 55 луѓе: 17 пациенти со тешки симптоми на корона (од кои половина подоцна за жал починале), 14 пациенти кои ја прележале инфекцијата со коронавирус и 24 волонтери кои не биле заразени со ковид-19. Преку 4 милиони крвни клетки поминале низ софистицираниот систем RT-DC.
Резултатите покажале дека црвените крвни клетки се доста различни кај болните луѓе од оние кај здравите и имале нефлексибилна физичка структура, што може да влијае на нивната способност да испорачуваат кислород. Ова ја ослабнува циркулацијата и води до хипоксемија.
– Овој синдром може да опстане кај пациенти со долгорочен ковид по завршувањето на активната инфекција. Кај оние кои го прележале ковидот и немале симптоми на болеста, промените во фенотипот не беа толку изразени, но сепак беа присутни – велат од тимот.
Спротивно на тоа, белите крвни клетки кај оние со тешки симптоми на ковид-19 биле помалку флексибилни. Неутрофилите пак, друг вид на бели крвни клетки, имале бројни промени и повеќекратни деформитети кај пациентите со коронавирус.
Дека короната може да има траен ефект врз нашиот имунитет доказ се самите пациенти. Кај 70 отсто од нив била забележана хронична главоболка, 62 отсто имале проблеми со циркулацијата, а 54 отсто проблеми со концентрацијата.
– Додека некои од овие промени се вратија во нормалните вредности по хоспитализацијата, други опстојуваа со месеци по враќањето од болница, доказ за долгорочното влијание на ковид-19 врз нашето тело – наведуваат научниците.