Корона кризата може да затвори од 2.000 до 20.000 работни места во туристичкиот сектор
Двете сценарија од Студијата за ефектите предизвикани од ковид-19 врз туристичко угостителскиот сектор, покажуваат дека и загубите во прометот би биле големи од пад на промето од 250 милиони долари до целосен пад на прометот до под 100 милиони долари.
Туристичките претпријатија ќе остварат понизок промет од 50 односно 80 отсто и ќе затворат од 2.000 до 20.000 работни места годинава, зависно од тоа дали корона кризата ќе се стави под контрола во почетокот на јули или до крајот на годината. Ова го предвидуваат двете сценарија од Студијата за ефектите предизвикани од ковид-19 врз туристичко угостителскиот сектор, со препораки за справување со економските ефекти“ на стопанските комори.
Кристијан Џамбазовски, експерт и коавтор на студијата информира дека во студијата се користени ставовите на реалниот сектор и се направени две сценарија според кои би се однесувал туристичкиот сектор годинава зависно од ставањето под контрола на кризата и какви мерки би презела владата во однос на секторот.
Според првото сценарио кое е поповолно, предвидува кризата да биде ставена под контрола веќе во јули и почнат да се реализираат авиолинии кои би овозможиле доаѓање на странски туристи како и со преземање на добри мерки за поддршка од владата на туристичките претпријатија, тогаш прометот годинава во туристичката дејност би се намалил за 50 отсто во однос на оствареното во 2019 година и би имало ризик да се загубат 2.000 до12.000 работни места.
Според второто сценарио кое предвидува здравствената криза во земјава да не се стави под контрола до крајот на годинава, тогаш туристичките претпријатија би изгубиле повеќе од 80 отсто од прометот, и би биле принудени да затворат меѓу 4.000 и 20.000 работни места.
И при двете сценарија загубите во туристичкиот сектор, се проценува дека би биле големи.
– Загубите ќе бидат огромни, ако очекувањата за годинава биле прилив од 500 милиони долари. Во услови ако кризата заврши веднаш, односно сезоната почне во јули секторот ќе забележи пад на прометот од 50 отсто или 250 милиони долари, но ако кризата трае до крајот на годината тогаш прометот во туризмот би бил и под 100 милиони долари за годинава, односно пад од 80 и повеќе отсто – рече Џамбазовски
И при двете сценарија, подготвувачите на студијата предлагаат мерки на поддршка на владата кои би го ублажиле притисокот врз ликвидноста на претпријатијата и би ги задржале работните места.
– Најважно е обезбедување квалитетни економски мерки за одржување на ликвидноста на компаниите и задржување на работниците. Друга група мерки се однесуваат на подобрување на меѓународната позиција на земјата како туристичка дестинација – субвенции, олеснување на начинот на субвенционирање и да се задржат до моментот на постигнување резултатите од 2019 година. Потребно е и перманентно работење на планот на домашниот туризам,бидејќи има потенцијал. Не е во обем да компезира, но е важен момент да ги ублажи последиците. И последно даночни олеснувања и други форми на олеснување – онаму каде што државата треба да се откаже доброволно преку мерки или принудно кога ќе ги загуби субјектите кои плаќаат данок – рече Џамбазовски.
Двете сценарија предвидуваат и враќање на туристичкиот сектор на ниво од 2019 година. Според првото сценариот тоа би се случило во 2023 година, а според второто сценарио дури во 2027 година. Притоа, зависно од сценаријата заживувањето, односно целосното затворање на туристичката дејност би зависело од однесувањето на власта и субвенциите кои би се давале на претпријатијата.
Според туристичките работници, земјава ќе се соочи со огромна конкуренција за обрезбедување на странски туристи, не само во регионот, туку и пошироко.
– Ќе треба да докажеме на странските туристи дека земјава има добар здравствен систем. Тука имаме голема конкуренција, бидејќи државите веќе почнаа да ги попуштаат мерките и да даваат поволности за туристите, туристичките организации и авиокомпаниите. Затоа сметам дека е неопходно и ние како држава да го поддржиме авиосообраќајот за да се реализираат туситичќките групи. Во услови на криза авикомпаниите сега веќе ќе се фокусираат на дестинации кои ќе бидат напрофитабилни. Не чека лош период и само со поддршка на институциите ќе излеземе победници – рече Владимир Граматиков, претседател на Туристичко угостителска комора при Сојуз на стопански комори на Македонија.
Според анкетата нправена во Стопанската комора, 88 отсто од туристичките претпријатија се изјасниле дека кризата ќе има големо влијание на нивното работење. 28 отсто од нив рекле дека ако сезоната почне во јуни ќе им треба од три до шест месеци да се вратат на почетната позиција пред кризата, 25 отсто од нив рекле дека за тоа ќе им бидат потребни од шест месеци до една година да се прилагодат на состојбата.
Студијата е правена со поддршка на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанска комора на Македонија; Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.