Кормилото на ЕУ ги заобиколува малцинствата

Како би можело со кормилото на ЕУ поуспешно да се маневрира низ матните балкански води? Или, пак, кога станува збор за слична проблематика во други региони во Европа? Има ли ЕУ одговор за поефикасна заштита на јазичните малцинства?

807

ЕУ и во изминатата година не покажа повисок степен на загриженост околу заштитата и јакнењето на положбата на националните и јазични малцинства. Всушност, веќе со години наназад постојано се укажува дека ЕУ недоволно се грижи за малцинските права, иако е тоа неизоставен дел од преговарачкиот процес низ кој минува секоја членка.

Правата на малцинствата често се користат и злоупотребуваат за заострување на билатералните и регионалните спорови, што резултира со ставање клин во напорите за продлабочување на евроинтеграциите. Добар пример за тоа, несомнено, се грчкото оспорување на македонското малцинство, како и политичките уцени и условување на отворањето на преговорите на Македонија за ЕУ-членство со претходно внесување на бугарското малцинство во македонскиот Устав, што упорно го бара официјална Софија, без притоа ни за влакно да го помрдне својот целосно негаторски став во однос на постоењето на македонско малцинство и неговиот јазик во Бугарија.






Како би можело со кормилото на ЕУ поуспешно да се маневрира низ матните балкански води? Или, пак, кога станува збор за слична проблематика во други региони во Европа? Има ли ЕУ одговор за поефикасна заштита на јазичните малцинства?

Унгарскиот премиер Виктор Орган пред извесно време се закани дека би можел да ја блокира Украина да ги отвори преговорите за членство. Унгарија е во спор со Украина поради, како што вели Орбан, ограничувањето на правата на околу 150.000 етнички Унгарци да го користат мајчиниот јазик во образовниот систем, откако Украина во 2017 година усвои закон за ограничување на употребата на јазиците на малцинствата во училиштата. Во подрачјето Транскарпатија, чиј најголем дел се наоѓа во Украина, во граничните области кон Словачка и Унгарија, живее големо унгарско малцинство. Она што е карактеристично за ова подрачје е повеќејазичноста, која истроски функционира како дел од секојдневието.

Овој седумгодишен конфликт дојде до израз и во текот на унгарското претседателство со ЕУ во текот на втората половина на минатата година, но позициите, сепак, не беа поместени на некаков подраматичен начин. За привремениот крај на конфликтот и намалаување на тензиите околу ова прашање најмногу придонесе доближувањето на Украина до евроинтеграциите и можното отворање на преговорите за членство.

Според законот од 2017 година, 70 отсто од наставата во училиштата на јазиците на малцинствата – како руски, унгарски и словачки – требаше да се одвива на украински.
Како резултат на законот, училиштата на малцинствата беа затворени и наместо тоа беа воспоставени часови на малцинските јазици во украинските училишта. Украина беше критикувана и од ЕУ и од Советот на Европа поради овој закон, кој се смета за дискриминаторски. Во декември 2023 година, украинскиот парламент одобри законска промена што значеше дека училиштата на малцинствата треба да предаваат само на украински по три предмети: украински јазик, украинска историја и обука за одбрана.

Уште еден закон усвоен во Украина во 2022 година, Закон за национални малцинства, предвидуваше дека телевизиските и радио канали што емитуваат на малцински јазици, мора да емитуваат до 90 проценти на украински. И ова барања беше критикувано од ЕУ и од Советот на Европа, а многумина сметаат дека без преговори со ЕУ не би биле усвоени законски промени во украинскиот парламент кон крајот на 2023 година, кои, меѓу другото, значеа дека медиумите на јазиците на малцинствата мора да емитува само 30 отсто на украински. ЕУ и Советот на Европа го поздравија амандманот, но сметаат дека законот сè уште има недостатоци и ја повикуваат Украина да го измени потемелно.

Но, и покрај ваквите искуства, кои би можеле да се сметаат за позитивни достигнувања, и понтаму се присутни остри критики дека ЕУ не се грижи на посериозен начин за јазичните малцинства. Тоа што загрижува се тенденциите дека преку ЕУ програмата за финансирање, „Следната генерација на ЕУ“, на малцинствата им е се потешко да добијат поддршка. Тоа најмногу ги засегнува училиштата, организациите и здруженијата кои се обидуваат да ги промовираат јазиците на малцинствата. Субвенциите се единственото средство на ЕУ да влијае, бидејќи ЕУ нема правна норма, закон на кој ЕУ треба да се повика кога станува збор за одбрана на јазиците на малцинствата. Затоа се истакнува важноста на финансирање проекти кои ги поддржуваат и промовираат јазиците на малцинствата. Но на помалите јазици речиси не им се дава никаков приоритет.

Важно е да се истакне дека финансиската поддршка од ЕУ-фондовите имаше значење и како признание за многу малцинства кои се ранливи, на пример во Грција, каде што малцинствата немаат право на свои училишта финансирани од државниот буџет. Европските субвенции се своевидна политичка потврда и сигнал до владата во Грција дека овие училишта постојат.

Тоа што ги компликува состојбите на овој план е дека во ЕУ се провлекува и тенденција земјите-членки да се воздржуваат од упатување меѓусебни критики. Но со тоа не се намалуваат и критиките од разни инстанци за постојаниот недостиг од акција и конкретни мерки од страна на Брисел за заштита на малцинските јазици, при што се истакнува дека Европската комисија свесно се крие зад принципот на супсидијарност, познат како општо начело на правото на ЕУ, и тврди дека заштитата на малцинствата и јазичната политика се одговорност на самите земји-членки.

Една од најважните задачи на ЕУ како мировен проект е да обезбеди претпоставки и услови за земјите-членки да ги почитуваат и штитат нивните малцинства, но наместо тоа малцинствата се оставени сами да ги бранат своите права против соодветните централни власти во државата.

Што се однесува до Македонија, Законот за употреба на јазиците усвоен во 2018 година, со основна цел за унапредување на малцинските јазични права, значително ја прошири употребата на албанскиот малцински јазик, така што во многу аспекти ги надмина европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Тој дури стана и некаков вид политички трофеј, кога домашните политичари даваат изјави и оценки за високите резултати во унапредувањето на „хармоничниот“ меѓуетнички соживот во земјата. Но факт е дека овој закон во значајна мера ги фаворизира малцинските јазични права, но само на една малцинска група.

Бугарија ја има потпишано Европската повелба за регионални и малцински јазици, но ја применува со мошне рестриктивен пристап. Грција е една од трите ЕУ-членки кои ја немаат птпишано и ратификувано оваа Повелба. Дури и кога тоа би се случило, ЕУ не би можела да бара од Атина да ги исполни ветувањата, бидејќи, со оглед на тоа дека Грција е веќе членка на ЕУ, сите други членки веќе ја одобриле официјалната политика на Грција за малцинствата.

Во секој случај, се додека секоја нова членка на ЕУ го внесува сопствениот државен јазик како еден од официјалните ЕУ-јазици, нема никаква причина со таквата практика да не биде опфатена и Македонија, чиј влез во ЕУ, кога и да се случи, треба да биде означен со приклучување на македонскиот јазик, – како официјален државен јазик за употреба во меѓународни рамки, – кон европското јазично семејство во Брисел.

Но, неоспорно и како мајчин јазик на македонското малцинство во соседството и во светот.

Поврзани содржини