Коренот на раната

Следствено, согласно општото и неприкосновено право на избор, секој ќе избере во што односно во кого ќе верува. Но тој „избор“, сам по себе, во најголема мера е наметнат од никој друг туку од највисоката власт во државата како врвен „арбитар“, што е само уште едно ново поглавје во македонската тажна приказна. Ако оваа власт и нејзините кербери, само заради сопствениот мизерен опстанок, подло ги туркаат граѓаните кон таков избор употребувајќи дури и палјачовци од „форматот“ на оној со „б“, тогаш таа власт и нивните подопашници се зрели за заминување.

574

Како и за сѐ во животот, и во политиката (па и политикантството, ако сакате), историјата, науката, културата…, поединецот секогаш има право на избор во што ќе верува. Во македонскиот случај (не само) деновиве, секој граѓанин може да избере кому ќе верува: на власта која скандалозно лаже, заедно со нејзиниот блгарски шарлатан со „б“ во името или, на пример, на еден Михајло Апостолски и македонската историографија. Оваа власт, сокриена зад перфидните бугарашки конструкции на човече кое со години ја лажеше и целата држава, нема(ше) смелост/доблест барем на 13 ноември да изусти кој бил окупаторот во Скопје/Македонија во периодот 1941-1944, но бара јавноста не само безрезервно да верува во нејзините „добри“, „прогресивни“, „национално“ ориентирани намери, туку и да ги поплука сите други кои не мислат како неа.

Од друга страна, спомнатиот Апостолски (партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој), а со него и целата македонска историографија – барем до денес, до појавата на некакви нови „историски лустратори“! – во сите неговите искази и текстови, јасно и гласно го адресира бугарскиот фашистички окупатор. А конкретно за она наивно но многу подмолно подметнување комбинирано со полуписмена конструкција на зборови на бугарчено со „б“ во името, според кое Скопје е ослободено од „(…) македонските партизани со помош на првата бугарска армија“, кои „(…) во тешка борба ги разбија германските и албанските фашисти кои во тој момент го држеле градот под контрола“[1], токму Апостолски пишува: „Во време кога се водеа борбите за Штип, V бугарска дивизија стоеше наполно пасивна на Злетовска река, а дури по ослободувањето на Велес тргна во правец кон Скопје и ноќта меѓу 13. И 14., со наредба од Главниот штаб (издадена е на лице место усно) беше вратена назад во Бугарија, пред да стигне целата дивизија во Катланово.“[2] Меѓу другото, Апостолски на оваа тема пишувал често, уште од 1945 година: Ослободувањето на Скопје, Нова Македонија, 13.XI.1945; Битката за Скопје и лагите на некои бугарски воени писатели, Нова Македонија, 12.XI.1949; Ослободувањето на Скопје и лагите на бугарскиот генерал Благој Иванов, Пирински глас, 12.XI.1949[3] и др.






Следствено, согласно општото и неприкосновено право на избор, секој ќе избере во што односно во кого ќе верува. Но тој „избор“, сам по себе, во најголема мера е наметнат од никој друг туку од највисоката власт во државата како врвен „арбитар“, што е само уште едно ново поглавје во македонската тажна приказна. Ако оваа власт и нејзините кербери, само заради сопствениот мизерен опстанок, подло ги туркаат граѓаните кон таков избор употребувајќи дури и палјачовци од „форматот“ на оној со „б“, тогаш таа власт и нивните подопашници се зрели за заминување.

А бидејќи ни тие, ниту пак нивните „лустратори“ не покажуваат намера да објават барем дел од историјатот на „македонското прашање“ видено од страна на возљубениот ни источен сосед, јас ќе се обидам да дадам некакви основни податоци. Колку да не биде дека не се знаело!

Имено, кога почна, и како, „македонскиот проблем“ во Бугарија? Изворите велат дека дури ни на фамозната Цола Драгојчева, ниту пак на некој од главешините на тогашната БКП (Комунистичка партија на Бугарија) во 1945 година, не им паѓало на памет да ја оспорува Македонија (во рамките на тогашна Југославија) како федерален политички субјект. Дури напротив, токму Драгојчева, подоцна најгнасната – ќе простите на изразот, но така е – омаловажувачка на „македонството“, ќе пишува: „Прашањето за националната слобода, за фашистите, беше прашање со кое се разгоруваа непријателствата меѓу народите, прашање со кое психолошки се подготвуваа војни и чиј резултат секогаш беше националното угнетување. Оваа вистина особено силно ја почувствува и разбра македонскиот народ, кој особено многу настрада во врска со жестоката конкуренција меѓу балканските фашисти, спроведувајќи ја својата освојувачка политика. Последново тие секогаш го претставуваа пред масите во народна облека.“

И понатаму: „Демократскиот развој на јужнословенските народи раскина со злобното минато и целосно ја промени сликата. За овие народи прашањето за националната слобода веќе не е прашање на фашистичко покривање и пропаганда, туку жива реалност. Тие го отсекоа коренот на раната што го затру општествениот организам на масите. За нив денес прашањето за националната слобода не е прашање на неединство, туку на братска доверба и единство. Титова Југославија го реши ова прашање на чисто народно-демократски начин. Таа сама го реши најтрнливото национално прашање – македонското прашање. Тој даде пример на Балканот како народите можат да се обединат со почитување на нивната национална слобода.“

Следствено, каква преобразба – историска, идеолошка, политичка, морална… – ќе доживее оваа (најблаго речено контроверзна) личност во бугарската историја визави нејзините тогашни и подоцнежни ставови за „македонското прашање“? Неверојатно, циркуско салто мортале кое што нема да ја чини ништо, освен образот. А ќе добие многу: општествени почести, политички позиции и др.

Но, зошто македонската сегашна власт јавно не публикува вакви текстови, со што ќе ги запознае македонските граѓани за развојот на „проблемот“? Зошто ниту еден висок државен функционер не говори на оваа тема туку омилена им е „Бугари во Уставот“, што немало „ да нѐ дестабилизира“? Незнаењето, неспособноста, не се оправдување. Ако не знаат, ако се неспособни односно неподготвени да се носат со проблемот, нека отстапат место на други кои тоа можат да го прават.

Поврзани содржини