Копнежот, тајната на времето и заминатите
И омразата и војните се победуваат само со копнежот по мир, независно колку кревка се чини силата на копнежот пред разорната сила на злото.
Имаше години кога по секоја подолга посета кај мојата фамилија во Скопје, се враќав дома со тешка настинка, која се јавуваше ненадејно, како од никаде. Денес верувам дека тоа не беше затоа што немав отпорност за вирусите на грипот во Македонија, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче веле.
Да беше така, логично би било да се разболев веднаш штом стигнев во Скопје. Напротив, се разболував пред денот на разделбата од мојата фамилија, а „настинката” стануваше сè посилна со секој час поминат на аеродромот и во авионот, со кој се враќав во мојата нова татковина, Германија. На ова искуство ме потсети пораката на една германска пријателка, која пред два дена се врати од подолгата посета на својата фамилија во Јапонија.
И таа веруваше, како јас некогаш, дека случајно добила слаба настинка токму на крајот на посетата, која станала полоша на долгиот лет од едниот крај на Земјината топка до другиот, со престојување на неколку светски аеродроми. Затоа кога се вратила дома, два дена поминала во кревет. И јас некогаш поминував два дена „болна” во кревет. Со времето сфатив дека тие два дена „болест”, токму на временскиот преод од едниот во другиот свет во мојата биографија, беа најлечебната терапија за болката на заминатите.
„Настинката” на пријателката ми потврди дека причината за неа не е неотпорноста за вирусите во друга земја.
Силата на копнежот
Повеќе верувам дека таа помага полесно да се „преболи” болката на разделбата од својата фамилија во друга земја или на другиот крај на светот. И тоа според мистичниот механизам на справувањето на човечката психа со силната болка, кој Франц Кафка го опишува толку сликовито во едно писмо до Милена Јесенска, жената која многу ја љубел. Тој ѝ објаснува зошто добил туберкулоза. Кога „главата” не може да го издржи притисокот на животот, пишува Кафка, тогаш еден друг орган помага да се носи тешкиот товар.
Тој орган кај него биле белите дробови. Кај заминатите, кај преселниците, тој чувствен „товар” е тагата по тие што не се секогаш со нив. Затоа овие чудни „настинки” по разделбите ги познаваат само тие кои живеат далеку од земјата во која се родиле и пораснале. Притоа веројатно и роднините што ги оставаме по посетата, враќајќи се во оној дел на светот, во кој сме заминале и сме основале своја фамилија, по разделбата веројатно неколку дена боледуваат од истата „настинка”. Лично станав малку „поотпорна” на вирусот на разделбата кога почнав во последните денови кај моите во Скопје повеќе да мислам на тоа како ќе биде кога по неколку месеци ќе дојдам повторно на посета, отколку да жалам што времето толку брзо помина.
Што значи, почнав да се учам да не „гледам назад”, во тоа што измина, туку „да гледам напред”, во тоа што претстои. И да копнеам по него!
Затоа што мислам дека чудниот „вирус” што ја предизвикува таа посебна „настинка” кај некои многу сензибилни луѓе меѓу преселниците и заминатите, е токму силата на човечкиот копнеж. Во природата на човечкиот копнеж е тоа што тој не ја прифаќа разделбата. Копнежот, всушност, со тоа се противи на времето, иако ние луѓето сме суштества времени, зашто ја знаеме конечноста. Чудно е што конечноста не ја познава копнежот, најсилното чувство за кое е способен човекот. Копнежот се смирува само кога ни се чини дека времето престанува да тече.
А тоа е само во миговите кога сме потполно среќни, кога ништо не ни недостига. Копнежот се смирува и се преобразува во чувство на бескрајна среќа само кога се остварила желбата на копнеењето. Тој се смирува секогаш кога сме на местото по кое сме копнееле. Кога сме со тие што нè прават среќни. Тогаш копнежот ни вели дека секогаш треба да биде така. Тој прави да помислиме дека навистина секогаш ќе биде така.
Колку што копнежот се противи на нашата зависност од времето, тој исто толку се противи и на фактот што ние не можеме во исто време да бидеме на неколку места. А копнежот на заминатите е токму тоа: желба да не мораат да ги жртвуваат местата на кои досега биле среќни, само за да можат да бидат на друго место, на кое веруваат дека ќе бидат исто толку среќни. Заминатите, особено во мигот на разделбата од своите во татковината, копнеат да бидат во секој миг на сите места каде што се луѓето што припаѓаат на нивната биографија.
Луѓето што ги сакаме, со кои некогаш сме биле неразделив дел од едно цело, од еден жив организам каков што е фамилијата. Човечкиот копнеж е една од најзагадочните чувства и можеби токму во него се пројавува принципот на животот. Во христијанската теологија се вели дека Бог нè повикува во живот од љубов. Тој копнее да станеме живот. Човечкиот копнеж ја има енергијата да си поставува цели, да си замислува ситуации кои по некое време стануваат реалност.
Кога копнежот би бил посилен од сите други чувства, ние не би биле способни да живееме, затоа што би го доживувале болно изминот на секоја минута, на секој час. Во германскиот јазик копнежот се вика „Sehnsucht“, а на старогермански тоа значи „болно посакување на нешто”. Впрочем, зборот „Sucht“, кој е во основата на зборот „Sehnsucht“, значи тешка болест. За да не се преобрази копнежот во болест, што значи, во меланхолија, во него мора да биде посилна енергијата на посакувањето, која секогаш е поврзана со замислувањето на целта, со надежата и со радоста за тоа што чека на нас, што доаѓа во иднината.
На германски меланхолијата се вика „Schwermut“. Тој ја опишува состојбата кога имаме товар врз срцето. Македонскиот збор „чемер”, повеќе одговара на грчкиот збор „меланхолија”, што значи „црна жолчка”. Товарот на Кафка, кој не можел да го издржи „главата”, што значи, умот, мора да бил меланхолијата. Тој самиот на едно место вели дека нема поосамен човек од Франц Кафка.
Тој што копнее, копнее по живот, по среќа и мир
Според мојата лична теорија (во стилот на онаа на Кафка), „настинката” како лечебна терапија на психата на преодот од едниот во другиот свет во нашите биографии, помага да не пропаднеме во тага, затоа што поминало времето во кое сме биле кај љубените роднини во татковината. Што значи, да не пропаднеме во меланхолија, а со тоа, во безнадежност. Кусото боледување ни помага да го свртиме погледот кон тоа што доаѓа. Да го прифатиме времето како минливост, а тоа сознание не` уверува дека времето до следната средба ќе помине многу брзо. Силата на копнежот е токму во проекцијата, во визионерството, во радоста заради тоа што може да биде, што очекуваме да се случи во иднината. Изразити луѓе на копнежот се голем број од уметниците. Не е чудно зошто германските романтичари пишувале толку многу за копнежот.
Најубавите стихови за копнежот се оние на Гете и на Ајхендорф. Секако, во нив се насетува дека човечкиот копнеж ќе се смири само тогаш, кога времето ќе престане да истекува, кога среќата ќе остане непоматена, а тоа е само сликата на вечноста. Еден православен богослов пишува дека во миговите кога чувствуваме дека времето запира, тогаш тоа е предвкус на вечноста, затоа што таа за миг се пробила во нашиот живот.
Тој верува дека вечниот живот ќе биде целината на сите тие вечни мигови кои веќе сме ги доживеале со тие што ги љубиме, што припаѓаат на нашиот живот, кои повеќе нема да бидат само куси мигови, фрагменти и недофатлива среќа, туку ќе траат вечно. Дарбата на човекот да копнее по среќа која, барем во желбата, ја исклучува зависноста на човекот од просторот и времето, говори дека копнежот е најметафизичкото, најмистичното чувство. Само човекот копнее по тоа што никогаш не го видел, по непознатото, по можното. Само човекот копнее по Бог, апсолутно Другото.
Тој што копнее, всушност, копнее по живот, по среќа и мир, зашто само тогаш тој се смирува. Затоа и омразата и војните се победуваат само со копнежот по мир, независно колку кревка се чини силата на копнежот пред разорната сила на злото.