КОНТРОВЕРЗНАТА СТРУМИЧАНКА ЛОРЕТА ГЕОРГИЕВА ЌЕ ЗАГЛАВИ ЗА 4.700 ЕВРА ПАТНИ ТРОШОЦИ Поранешната членка на Судскиот совет не пријавила на време дека ќерка ѝ стекнала стан во Скопје
Струмичанката Георгиева, поранешен член на Судскиот совет, блиска до кланот Заеви, која се доведуваше во врска со повеќе афери, е пријавена за банален пропуст, со кој е оштетен буџетот.
Лорета Георгиева, поранешна членка на Судскиот совет, е осомничена од полицијата дека како службено лице сторила кривично дело „измама во службата“, според член 355 став 1 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
На 15 септември Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција до ОЈО Скопје поднеле кривична пријава против неа.
Лорета Георгиева е контроверзен лик во македонското правосудство. За неа се говореше дека кариерата и напредувањето ѝ биле поврзани со политичко влијание и партиска поддршка од кланот Заеви. Таа беше дел и од внатрешни конфликти во Судскиот совет. Во една објава во медиумите се спомнува дека по нејзина интервенција, во Советот биле вршени проверки на камери во канцелариите, откако еден член пријавил дека некој му влегувал и му претресувал документи. Георгиева поднела поплаки до претходната претседателка Дамева дека се чувствувала „таргетирана“ по гласањето за нејзиното разрешување.
Лорета Георгиева се доведува во врска и со врховниот судија Наќе Георгиевски, осуден за примање мито. Се тврдеше дека Лорета Георгиева претходно го спасила од разрешување врховниот судија, исто така близок до кланот Заеви. Во јавноста се шпекулираше дека Георгиева била сопруга на личност поврзана со политички кругови.
Сега, во кривичната пријава, полицијата тврди дека Л.Г. (57) од Струмица, како службено лице – член на Судски совет, во периодот од 26 август до 15 јануари 2024 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со неприкажување на фактот дека има промени во имотната состојба на членовите на нејзиното потесно семејство, не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за патување на релација од Струмица, како место на живеење, до Скопје, како место на извршување на работата и обратно. Со тоа го довела во заблуда Судскиот совет, да ѝ исплаќа надоместок на трошоци за превоз согласно точка 4 од Одлуката за начинот на остварување на правата на судиите утврдени во Законот за платите на судиите бр.02-1425/12 од 13.10.2010, донесена од страна на Судски буџетски совет, согласно одредбите од член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет.
Полицијата потсетува дека пријавената Л.Г. во својство на судија од Основен суд Струмица во 2018 година била избрана за член на Судски совет, од редот на судии од апелационо подрачје Штип, при што, согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот на советот има право на надомест на трошоци за превоз во висина од вистинските трошоци за јавен сообраќај. Согласно тоа, пријавената Л.Г. поднела барање, кон кое доставила копија од лична карта, одлука за избор за судија и изјава заверена на нотар дека таа или член од нејзиното потесно семејство немаат стан или куќа во нивна сопственост во местото каде ја извршува функцијата.
Пријавената Л.Г. во 2022 година имала промена на имотна состојба, односно нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот-стан во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет, за што од страна на Судски совет на пријавената за период од септември 2022 година (како месец по стекнувањето на имотот) до декември 2023 година (кога и престанало правото на надомест на трошоци за превоз по нејзино доставено известување на ден 15.01.2024), во вкупно 15 наврати и биле исплатени пари како надомест за патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, за кој износ Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист, а на штета на буџетот на Судски совет на РСМ.