КОНТРОЛИТЕ ДАВААТ РЕЗУЛТАТИ Ограничените маржи ја намалија инфлацијата
Една од новите можности за контрола на цените е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена.
Мерката за ограничување на бруто профитните маржи за празниците дава резултати и има дефлација од 1,3% во однос на претходниот месец и намалување на цените на основните прехранбени производи и пијалаци од три отсто, оцени денеска заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
– Претходно направивме и одредени законски промени, особено во Законот за заштита на потрошувачи со транспарентност на цените согласно кои малите, големите и средните маркети мора транспарентно да ги објавуваат цените на нивните веб страници. Тоа ќе им даде можност на купувачите да одлучат од каде ќе купуваат – рече Ристески.
Тој додаде дека тоа е израелски модел за контрола на цените на производите кој се применува и во Италија и во Хрватска.
– Една од новите можности за контрола на цените е и промената во Законот за прекршоци каде покрај парична казна од 500 до 10.000 евра, во зависност од големината на маркетите, е воведена и поригорозна мерка затворање на маркетот од 15 дена. Покрај тоа, оперативно делува и Комисијата за заштита на конкуренција, која ревносно работи од јануари наваму, откако почнаа нејзините законски обврски и се комплетира во однос на контрола на договорите помеѓу добавувачите и трговците на големо и мало – прецизира Ристески.