Во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола, Општина Битола деновиве врши контроли во угостителските објекти во градот.
Општинскиот инспекторат од почетокот на работната недела на терен врши проверка на сите категоризирани објекти на физички лица што се под општинска надлежност дали ги исполнуваат минимално техничките услови согласно правилникот за минимално технички услови донесен од министерот за економија и дали ги поседуваат сите документи потребни за дејноста. Доколку им недостига одреден документ, имаат даден рок за обезбедување, во спротивно, ако не ги обезбедат ќе бидат избришани од регистарот за вршење угостителска дејност.
Според Законот за угостителска дејност, за физичките лица, општината е надлежна да издаде категоризација за конфекционирани угостителски услуги во наменски подвижни објекти, угостителски услуги за сместување и исхрана во куќи, угостителски услуги во апартмани и соби за одмор, угостителски услуги во селски домаќинства и угостителски услуги во пловни објекти.
Општинскиот инспекторат во соработка со Државниот пазарен инспекторат и СВР Битола вршат проверка на терен, дали ноќните клубови во Битола имаат важечки лиценци за работа и дали ги имаат сите елаборати кои што треба да ги поседуваат, вклучувајќи и елаборати за бучава, за противпожарна заштита, за животна средина итн.
До Владата и до Министерството за економија и труд доставени се податоци по извршениот увид од овластениот градежен инспектор на општина Битола, согласно деталните урбанистички планови на општина Битола, Генералниот урбанистички план на општината и податоците запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, на правните субјекти со капацитет над 50 лица кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола. На овој начин треба да се изврши проверка со вмрежување на податоците и соодветната издадена категоризација/лиценца, за правните субјекти кои вршат угостителска дејност на територијата на општина Битола.
До Државниот пазарен инспекторат, Одделение за инспекциски надзор Битола, доставен е допис дека општина Битола достави известување до угостителските објекти на територијата на градот Битола, дека не постапиле согласно чл. 7 и чл. 25 од Законот за угостителска дејности. Од нив е побарано во рок од 3 дена да достават Лиценца/Дозвола за работа на објектот согласно Законот за угостителска дејности и работно време на објектот, согласно истиот закон. Од Одделението за инспекциски надзор Битола доставена е листа на објекти со која располага општината и побарано е да се изврши вмрежување на податоците преку заедничка координација.
Согледувајќи ги сите аспекти од законските регулативи, постојат одредени недоречености, односно неусогласености помеѓу Законот за угостителство во однос на Законот за градење и Законот за животна средина. Оттука, општината испрати допис до надлежните институции во кој нагласи дека се потребни законски измени, пред сѐ, во регулативата со документите, кои што се пополнуваат за вршење на одредената угостителска дејност, како и во делот на надминување на недореченостите во законските одредби.
Во наредните денови, продолжуваат координираните активности на терен со надлежните инспекциски служби и со СВР Битола.