КОНТРАУСЛОВИ ЗА САД, ТЕХЕРАН САКА ДА ГИ ЗАДРЖИ РАКЕТИТЕ Иран има и нови правила за бродови кои минуваат низ Ормуз

Иран постави остри контрауслови за мир, вклучувајќи затворање бази и контрола на Ормускиот Теснец. Техеран бара и отштета и гаранции и, спротивно на условот на САД, инсистира на задржување на својата балистичка програма.

770

Иран одговори на американскиот мировен план од 15 точки со свои барања кои вклучуваат затворање на сите воени бази на САД на Блискиот Исток и наплата за премин низ Ормускиот Теснец, објави „Волстрит Џурнал“.

Покрај затворањето на базите во регионот на Заливот, Техеран бара отштета за нападите врз земјата, гаранции дека војната нема повторно да започне, прекин на израелските напади врз Хезболах и укинување на сите санкции. Иран, исто така, инсистира на задржување на својата балистичка програма без никакви ограничувања. Американски официјален претставник ги опиша овие барања како „смешни и нереални“.






Според извештаите на Аксиос, во Техеран постои голема недоверба бидејќи Иран двапати беше нападнат додека води разговори со администрацијата на Трамп. Додека Трамп тврди дека во тек се продуктивни разговори, Техеран негираше дека имало комуникација.

„Може, ама прво да се координираат со нас“

Од друга страна, во вторникот Иран ги известил Обединетите нации за нови услови за, како што вели, непријателските бродови кои минуваат низ Ормускиот Теснец. Бродовите ќе можат да поминат ако прво се координираат со иранските власти, се вели во писмо на Иран до ОН и до сите 175 членки на Меѓународната поморска организација.

„Условот е тие да не учествуваат или да не поддржуваат агресија против Иран и целосно да ги почитуваат објавените безбедносни прописи“, се вели во писмото.

„Не може да се сметаат за пријатели“

За бродови кои нема да можат да се квалификуваат како невини или пријателски се споменати бродовите на САД и на Израел, „како и на другите учесници во агресијата“.

Со други зборови, бродови кои не се сметаат за непријателски и не поддржуваат воени дејства против Техеран ќе можат да поминуваат.

„Бродовите ќе мора да ги почитуваат иранските безбедносни прописи и да ја координираат пловидбата со надлежните власти“, се додава во соопштението.

Пораката доаѓа во време кога американско-израелската војна против Иран речиси го запре преминувањето на околу една петтина од светската нафта и течен природен гас низ теснецот, предизвикувајќи значителни прекини во глобалните испораки, пишува Ројтерс.

„Ги презедовме сите мерки“

Во писмото се наведува дека Иран „презел неопходни и пропорционални мерки за да ги спречи агресорите и нивните поддржувачи да го искористат Ормускиот теснец за да спроведат непријателски операции против Иран“.

Претходно беа објавени и 15. американски услови доставени преку пакистански посредници, кои бараат демонтирање на нуклеарните капацитети на Иран, предавање на залихите на збогатен ураниум на МААЕ и прекин на поддршката за регионалните прокси-групи. За возврат, САД нудат укинување на меѓународните санкции и помош за цивилна нуклеарна програма.

Поврзани содржини