КОНТИНУИТЕТ ИЛИ ПРАЗНИ ЗБОРОВИ ЗА КУМАНОВО Максим Димитриевски ги повика кумановци да продолжат по зацртаниот пат

Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Куманово како приоритетни капитални проекти ги наведе изградбата на три детски градинки, три кружни текови и целосно средување на централното подрачје на Куманово. Најави и дека ќе го осовремени и ќе го надгради јавниот превоз, кој е бесплатен и кој дневно го користат околу 15.000 негови сограѓани.

254

Резултатите од првиот круг покажаа која е волјата на граѓаните, а јас имам освоено повеќе гласови од сите мои противкандидати кои се од, условно речено, македонскиот политички блок, вели кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

– Благодарен сум на поддршката од партнерите во власта, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, но уште повеќе сум благодарен на поддршката од граѓаните со кои се покажа евидентно нивната желба Куманово да продолжи по зацртаниот пат – рече Димитриевски на дебата на Телма.






Тој истакна дека испратил возило и логистичка поддршка за чистење на сметот во Општина Центар како одговор на повикот на ЗЕЛС и желбата да помогне на граѓаните на Скопје.

– Јас само одговорив позитивно на повикот од ЗЕЛС да пружам помош таму каде што е најургентно, а Скопје се соочува и со можна епидемија поради купиштата смет. Ако се сеќавате, така беше и во минатото, кога први притекнавме во помош за време на пожарот во Гази Баба. И, актуелнатата акција беше усогласена на владино ниво – рече Димитриевски.

Тој наведе дека граѓаните во Куманово знаат дека е човек од збор и дека сè што има ставено како ветување во програмата ќе го исполни.

Како приоритетни капитални проекти ги наведе изградбата на три детски градинки, три кружни текови и целосно средување на централното подрачје на Куманово. Најави и дека ќе го осовремени и ќе го надгради јавниот превоз, кој е бесплатен и кој дневно го користат околу 15.000 негови сограѓани.

Димитриевски најави и дека локалната самоуправа ќе го преземе  и ќе го среди објектот на некогашниот Пионерски дом, по примерот на спортската сала и салата „Соколана“.

Во серијата реплики што ги имаше со својот противкандидат Горан Стојковски Диро, Димитиривски го нарече кандидат на „една истрошена политичко-градежна елита“ која преку него сака да продолжи со своите бизниси, а на која тој како градоначалник им застанал на патот и не дозволил да продолжат со уништувањето на градот.

Димитриевски ги повика граѓаните да излезат масовно на 2 ноември и да го заокружат бројот 2 на локалните избори во Куманово.

– Ве повикувам да гласате за континуитет, да гласате за нешто што е конкретно, а не се само празни зборови. Јас го ценам вашиот збор, ценете ги и вие делата кои успеавме да ги реализираме во минатите 8 години. Едно може да ветам – тоа што го напишав во програмата, која се потрудив да биде дистрибуирана речиси во секој дом, ветувам дека ќе го исполнам во целост, заедно со мојот тим – вети кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

Поврзани содржини