КОНСТАТИРАНА ОСТАВКАТА НА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА На Кети Петкова продолжена ѝ е функцијата додека ѝ трае мандатот
Советот на јавните обвинители на денешната 42. седница го усвои барањето на Ленче Ристоска за престанок на функцијата јавен обвинител во ОЈО Скопје.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, информира дека Ристоска на 2 април годинава поднела барање за престанок на функцијата јавен обвинител по сопствено барање.
– Овде нема расправа, констатирам дека е усвоено барањето за престанок на функцијата на Ленче Ристоска – изјави Бесими.
Прашан како ги коментира причините за оставката на Ристоска, Бесими во изјава за медиумите по седницата, посочи дека нема да коментира никакви причини бидејќи во согласност со законот Советот само констатира престанок на функцијата.
– Тоа е нејзина одлука. Ние само констатираме оставка. Не коментирам изјави на колешката… Во согласност со законот, има право во секое време, секој обвинител да поднесе барање за повлекување, ние само констатираме – изјави Бесими.
Советот претходно донесе одлука за продолжување на функцијата на Кети Петкова додека ѝ трае мандатот како член на Советот до 26 јули 2027 година. На денешната седница Советот ја разгледа и едногласно ја прифати писмената изјава за продолжување на вршењето на функцијата во согласност со Законот за работните односи на членот на Советот, на Кети Петкова. Претседателот на Советот, Бесими, информира дека на 26 март годинава добиле одговор од Собранието, со кој се известува Советот дека во согласност со Законот за Советот на ЈО, Советот може да ѝ го продолжи мандатот.
Светлана Стојковиќ изјави дека колешка Петкова на 15 август годинава ги исполнува условите за старосна пензија, а во согласност со законот има право да побара продолжување на функцијата додека ѝ трае мандатот до 26 јули 2027 година.
Петкова, во согласност со законот, се иззема од оваа точка и не учествуваше во расправата.
Советот, на денешната седница едногласно донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител во ОЈО Скопје за јавниот обвинител Јулијана Мишевска поради исполнување услови за старосна пензија.