КОНСЕНЗУСОТ ВО ЕУ ПОВЕЌЕ НЕМА СМИСЛА, ПОТРЕБНА НИ Е ЕФИКАСНА УНИЈА Време е за квалификувано мнозинство во надворешната политика, апелира Кос
Долгогодишен, конзистентен и добро познат став на Комисијата е дека е време да се ослободиме од оковите на консензусот. Консензусот повеќе нема смисла доколку Унијата сака да ја игра својата улога побрзо, ефикасно и со тоа и стратешки, особено во денешната геополитичка ситуација, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето во Европскиот парламент
Консензусот во одлучувањето повеќе нема смисла доколку сакаме поефикасна улога на ЕУ, чиj стратешки императив повеќе од кога било досега е проширувањето и обезбедувањето поголема и посилна Унија, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето во Европскиот парламент на дебата „Институционални последици од преговорите за проширување на ЕУ’.
– Долгогодишен, конзистентен и добро познат став на Комисијата е дека е време да се ослободиме од оковите на консензусот. Консензусот повеќе нема смисла доколку Унијата сака да ја игра својата улога побрзо, ефикасно и со тоа и стратешки, особено во денешната геополитичка ситуација – рече Кос.
Таа нагласи дека и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето за состојбата на Унијата пред ЕП порача дека ЕУ треба да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика.
– Комисијата ќе се фокусира на она што може да се направи (околу ова прашање) според актуелните договори и во оние области каде што е потребен широк консензус. Клучно е да се користат алатките достапни според актуелниот договор – рече Кос.
Кос потсети дека проширувањето на ЕУ е и еден од приоритетите во политичките насоки на Европската комисија за периодот 2024-2029 година. Таа најави дека на 4 ноември заедно со пакетот за проширување ќе биде презентиран и преглед за спроведувањето на овие насоки во делот на пристапниот процес.
– Прегледот на политичките насоки треба да помогне да се постави јасен пат за напредок на паралелните патеки на проширувањето и на реформите на ЕУ – рече Кос.
Според неа, тој преглед ќе опфати и некои насоки за секторските политики и буџетот и ќе претставува важен следен чекор во рамките на пошироката агенда за реформи на ЕУ.
Таа порача дека како што треба да се прошири, ЕУ исто така треба и да се реформира, затоа што не смее да се изгуби од вид дека проширувањето е долгорочна стратешка инвестиција од која корист ќе имаат сите граѓани.
– Само обединета и единствена Европа може да биде независна Европа, но таа Европа треба да биде посилна, а воедно и поефикасна – рече Кос.
Според неа, откако ЕУ на една земја ќе ѝ даде статус на кандидат за членство, нејзина одговорност е да и помогне на патот кон зачленување во Унијата, затоа што од стигнувањето до крајната цел зависи и кредибилитетот на блокот.
– За многу земји кандидати проширувањето претставува надеж. Таа надеж не е доволна, но може да игра важна улога како мотиватор кога земјите треба да ги спроведат реформите. За тоа треба време и не е нешто што може да се случува од денес за утре – истакна Кос.
Таа нагласи дека не се согласува со оценките дека ЕУ го спроведува процесот на проширување мотивирана од геополитичките потреби, потенцирајќи дека доколку беше така тогаш уште утре сите земји кандидати ќе беа примени во Европската Унија.
– Но, нема да го сториме тоа, затоа што проширувањето е процес базиран на заслуги, што значи дека имаме јасни критериуми. Понекогаш дури од нашите земји кандидатки бараме повеќе отколку што бараме од земјите членки – додаде Кос.
Според неа, процесот на проширување мора да продолжи, не само како многу важен стратешки политички зафат, туку и со цел Европска Унија да се одржи силна за во иднина.
– Постојат многу предизвици и ќе можеме да одговориме на нив само ако навистина се држиме до принципите и ако останеме единствени – заклучи Кос.