Конфликтни квазидемократии

Зашто, можат ли државите – во случајов Северна Македонија и Бугарија – да гарантираат дека утре нема да има повторно каменување на некој од бугарските клубови со фашистички имиња во Македонија, или слични реперкусии врз некој нов македонски клуб во Бугарија? Не можат бидејќи тоа не е во нивна моќ.

444

Една од основните карактеристики на човекот е дека тој е конфликтно суштество. Кон себе и кон другите. Иако, повеќе кон другите, не само од неговиот „род“, туку и кон животните, природата, Вселената, ако сакате. Цивилизацијата не успеа да ја реши таа енигма, особено онаа на конфликтот помеѓу различни нации. Но, за волја на вистината, тие и такви конфликти сѐ повеќе „се селат“ на маргините на цивилизираната мапа на светот, меѓу нив и на Балканот како „слепо црево“ на Европа.

Многумина тоа се обидуваат да го припишат на балканскиот менталитет, темперамент, традиции, ниско ниво на демократија итн. Но и тука, во овие прашања, повторно доминира историјата односно нерешените – попрво „нерешените“ – вековни спорови од различен карактер: верски, културен, граничен, јазичен… и др. Дали тука се „крие“ причината за латентната конфликтност во регионот – она што се нарекува „рогови во вреќа, за постојаното циклично чепкање по старите рани (грчко-турски, српско-албански, македонско-бугарски, македонско-албански…)?






Зашто, можат ли државите – во случајов Северна Македонија и Бугарија – да гарантираат дека утре нема да има повторно каменување на некој од бугарските клубови со фашистички имиња во Македонија, или слични реперкусии врз некој нов македонски клуб во Бугарија? Не можат бидејќи тоа не е во нивна моќ. Но, во нивна моќ, а и нивна политичка обврска, беше/е да не ги вадат костурите од плакарите и, особено, да не ги радикализираат споровите. И да развиваат демократско и културно милје на разбирање и толеранција а не да „култивираат“ конфликтни квазидемократии!

Се разбира, за тоа се неопходни умни и способни политичари кои очигледно ги нема на двете страни. Или, можеме ли прашањето да го поставиме поинаку: зошто апсурдните барања на источниот сосед не се појавија во времето на Жељу Желев и Киро Глигоров? И зошто така експресно кај нас се заборави на теоријата на еквидистанца во надворешната политика, нешто што Глигоров го беше усвоил уште од времето на СФРЈ? Ќе ни се случуваа ли сепак вакви надворешнополитички ломови?

Со сиот ризик да „заглавам“ во некаков банален историзам, или пак живеењето со/во/за историјата да го кренам на некаков општествен пиедестал, сепак сметам дека „источниот проблем“ односно актуелизирањето на „македонското прашање“ токму во овој миг од страна на Бугарија не е „добрососедско“, уште помалку е случајно. Што, во актуелниот контекст на македонските евроинтеграции, не е баш ни добронамерно. А најмалку е – цивилизарано!

Во оваа смисла, ние како да сме осудени на живеење во/со/за  историјата што, се разбира, не го сметам за некаква доблест, туку попрво услов без којшто оваа држава нема реална перспектива. Фактот што ние не знаеме да ја користиме историјата – или не сакаме, што би бил нонсенс сам по себе! – е нешто сосема друго. Тој факт, евидентен уште од 1993 година и нашите талкања низ сите процеси на признавање на државата и нејзиното име, заокружен формално со катастрофално неукото пазарење за името и т.н. „Преспански договор“, е посебна приказна којашто, во сите сегменти (политика, историја, социологија, право, култура… и др.) долго ќе се изучува во светот.

И уште еднаш ќе докаже дека неуки, неспособни, необразовани и некултурни политичари не можат да водат современа држава. И не само современа, for that matter, туку тоа е принцип познат од историјата на цивилизацијата. Ние не сме единствените, секако, со континуитет на неспособни, алчни и кримогени власти. Ама и за тоа е неопходно познавање на – историјата!

Колизијата помеѓу анахроното политикантство и современата држава, впрочем, е евидентен и од фактографијата којашто говори за радикалниот пресврт на бугарската политика (или „политика“, како сакате) во педесеттите и особено шеесеттите години на минатиот век во поглед на „македонското прашање“. Всушност, елиминацијата на силни политички и интелектуални фигури од форматот на Димитров, Костов, Коларов, Ивановски и други, и доаѓањето на власт на куклената гарнитура политиканти движени од долгата руска рака, го започнува процесот на рапидното и особено ригидното манипулирање со „македонското прашање“.

Врв на тој процес секако е паезанот Тодор Живков, кој од 1954 година ќе заседне на „социјалистичкиот“ престол и ќе остане на власт сѐ до падот на режомот во 1989 година. И ништо нема да му фали ни потоа: сите судови во Бугарија ќе пресудат дека неговото 35-годишно авторитарно владеење било без каква и да е дамка! А неговото антимакедонско наследство само накратко ќе биде симнато од главната политичка сцена, за последниве години да доживее невиден ривајвл со поддршка на „либералните“ челници на ЕУ – фигуринки од профилот на Макрон, Мишел, Шолц, фон дер Лајен, Борел, Вархеи… и др.

Ние, ниту пак историјата, не можеме да се занимаваме со приказните од типот „што би било кога би било“, односно како подолгорочно ќе се развивала Бугарија под водството на Димитров, Костов и др., иако и Димитров, на крајот (1948-49), полека отстапувал од благонаклонетоста кон Македонците во Пиринска Македонија.  Но останале запишани некои ставови на спомнатите, и на многу други, за „македонското прашање“.

Трајчо Костов, на пример, кон крајот на мај 1941 година, по воената окупација на поголемиот дел од Вардарска Македонија од страна на бугарските војски, му пишува писмо на Тодор Павлов во врска со етничката определба на Македонците во Вардарска Македонија. Во писмото Костов, меѓу другото, го пишува следното: „Ние сме должни да ги имаме предвид фактите. А фактите зборуваат дека еден голем дел од македонското население има веќе македонска, а не македонско-бугарска свест. Според нашите сигурни податоци, кои доаѓаат од компетентни другари од самата Македонија, македонската свест многу длабоко проникнала, особено кај младата генерација која не била зафатена со егзархиската пропаганда. Според тие другари… не помалку од 80% од словенското население во Македонија се чувствува како македонско, а не како бугарско население (не го разбира бугарскиот јазик).“

Се разбира, главниот пресврт во бугарската политика кон „македонското прашање“ не доаѓа веднаш и преку ноќ по елиминацијата на главниоте носители на прогресивниот третман на тоа прашање. Од априлскиот пленум на ЦК на БКП (2-6 април 1956) се следи последователната „еволуција“ во бугарските ставови, прво низ искажувањата на извесни Димитър Ганев и Енчо Стайков (1957-1958 г.), за да се дојде до врвот – инаку тајно подготвуван (велат изворите) – и лупингот на простакон Тодор Живков во неговиот „историски“ говор на пленумот на ЦК на БКП во 1963 година. Но за тоа во следната прилика.

И да, од денешен современ аспект, самата оваа тема звучи страшно анахроно, налудничаво, провинцијално/простачки… итн. Во третата деценија на дваесет и првиот век една држава – згора и членка на ЕУ – да се занимава со етничките, националните, културните, јазичните определби на соседна држава-кандидат за ЕУ е вон секоја логика и нормално однесување. Никаков „аргумент“, па нека е и од највисок национален приоритет, не може да го оправда тоа однесување. Но и европската поддршка што таквиот вулгарен простаклак ја добива!

За жал, истите „епитети“ одат и за „другата страна“, онаа која што се впушта во такви некултурни и во основа понижувачки „расправи“.

Меѓутоа, ако истите не ги пресечете во самиот корен, во зачетокот, туку пазарџиски започнувате да се ценкате со името, јазикот, историјата, културата, образованието, науката…, тогаш не сте ништо подобри – дури напротив! – од „првата страна“. И тоа, еден убав ден, ќе ви се скрши од главата.

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини