Конечно денеска ќе допатуваат пасошите, но само 5.000
До 24 март, како што најави министерот ќе заврши набавката на останатите 140.000 обрасци.
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција информираше дека денеска ќе пристигнат 5.000 обрасци со патни исправи и дека и покрај вонредната состојба МВР ќе постапува по барањата на граѓаните.
До 24 март, како што најави министерот ќе заврши набавката на останатите 140.000 обрасци.
Македонски граѓани, кон средината на февруари поради пасошката криза и рестрикциите во издавањето нови патни исправи, беа принудени да откажуваат и туристички аранжмани, но и учество на деловни и спортски активности во странство.
Владата тогаш воведе рестриктивни мерки според кои МВР ги издаваше последните околу 4.000 преостанати патни исправи, пред да дојде новата пратка од Германија која во земјава беше најавена кон средината на март. Предност за новите патни исправи имаат само оние со ургентни потреби – медицински или професионални.
Причината за проблемот техничкиот министер Наќе Чулев ја лоцира во лошото планирање на службите. Тој веднаш кога се случи недостигот на пасоши интервенирал кај неговиот претходник Оливер Спасовски, кој сега ја врши функцијата претседател на техничка Влада, но тврдеше дека не наишол на разбирање.
– Целокупната одговорност за хаосот во кој се наоѓа нашата држава, а чии последици најмногу ги трпат граѓаните ја има Оливер Спасовски, кој бил должен да преземе мерки со кој ќе се спречат овие дејствија. Спасовски четири години не преземал конкретни мерки и активности за долгорочно решавање на проблемот со набавка на обрасците за личните документи и тоа е единствената причината поради која до ден денес не е решен проблем со недостаток на обрасци и издавање на лични документи што ќе предизвика и понатамошни последици – обвини тогаш Наќе Чулев, министерот за внатрешни работи.