КОНЕЧНО ЧИСТА ВОДА ЗА ЉУБАНЦИ И ЉУБОТЕН Владата обезбеди 110 милиони денари за најголемиот проект на Бутел
Општина Бутел започнува со реализација на еден од најзначајните проекти – Љубанци и Љуботен ќе добијат вода од градскиот водовод, откако Владата одобри 110 милиони денари за проектот.
Љубанци и Љуботен – двете села во општина Бутел, конечно ќе добијат чиста вода за пиење од градскиот водовод, откако Владата на Република Македонија на барање на општина Бутел обезбеди над 110 милиони денари за реализација на овој капитален инфраструктурен проект.
– Ова е ден за историја, не само за Љубанци и Љуботен, туку и за цела Бутел. По децении чекање, жителите на овие села конечно ќе имаат безбеден пристап до чиста вода за пиење – рече градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, додавајќи дека проектот е резултат на интензивна комуникација со централната власт и искрен ангажман за решавање на едно од клучните прашања за локалното население.
Костовски упати јавна благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски, кои, како што рече, пружиле значајна поддршка за спроведување на оваа стратешка инвестиција.
– Жителите на Љубанци и Љуботен ни дадоа доверба и нè охрабруваа да не се откажеме. Им ветивме дека нема да бидат заборавени, денес го исполнивме тоа ветување – нагласи Костовски.
Проектот веќе има подготвена целосна техничка и проектна документација, за која општина Бутел има издвоено над 4 милиони денари од својот буџет. Со тоа, почетокот на реализацијата е веќе обезбеден, а очекувањата се дека градежните активности ќе започнат наскоро.