КОНДОВСКИ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ БИДЕ ГРАДОНАЧАЛНИК НА СИТЕ Ќе се работи со полна пареа

Нема и не смее да има задоцнети решенија за градба, зафрлени документи. Долгогодишната легализација на објектите драстично ќе се забрза. Не смее да има неуслужен граѓанин. За сето ова да ме држите за збор, порача Кондовски.

260

Битола е местото каде што израснав. Тука се огништата на моите предци. Битола е мојот дом, дом на моите три деца, на моите пријатели, сограѓани. Таа ме изгради во семеен човек и успешен менаџер. Повеќе од деценија се борам во конкурентно економско опкружување, а следните четири години ќе дадам се од себе заедно со граѓаните Битола да ја направиме модерен урбан дом за сите генерации, порача кандидатот за градоначалник на Битола, Христо Кондовски на конвенцијата на кандидатите на СДСМ за локалните избори.

– Да се биде битолчанец, не е само привилегија, туку аманет да ја унапредиме нашата Битола во сите области на општественото живеење. Лично сум подготвен да го вложам најдоброто од себе, да го инспирирам најдоброто во сите нас – заедно, чекор по чекор, да го оствариме најдоброто за нашата Општина. Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација – рече Кондовски.






Тој потенцира дека  Битола ја замислува како развиена и перспективна Општина во која вреди да се живее, да се работи и создава, тука да се основа семејство, да се твори и спокојно да се старее.

– Град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен. Привлечна туристичка дестинација, кој пулсира во духот на културата и забавата. Битола во која спортот и рекреацијата се секому на дофат, а спортските клубови – национална гордост. Посебно место во мојата визија има ФК Пелистер кој сега е во незавидна ситуација. Но, ветувам дека за многу скоро ќе се најде во рацете на сериозен инвеститор со кој Пелистер ќе го однесеме на европските терени! ФК Пелистер ќе биде и битолска и национална гордост, а Чкембарите горди навивачи! Тоа е мојата визија, тоа е нашата визија, а за истата е изработена досега најдобрата локална изборна програма. Најдобра е затоа што извира од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој, не само на градот туку и на руралните области во нашата Општина – рече Кондовски.

Тој додаде дега ги претставил 10-те топ проекти кои јасно ја отсликуваат визијата за поубава Битола со нов сјај.

– Ќе го ослободиме севкупниот општински потенцијал преку изработка на нов ГУП како услов за економски развој и просперитет на Битола. Токму на местото од каде се обратив вечерва, на плоштадот Гоце Делчев, после четири години ќе стоиме над подземна сообраќајница и подземна гаража. Плоштадот Гоце Делчев ќе добие нов лик, а Широк Сокак ќе стане континуирана пешачка зона. Битола ќе биде велоград. Ќе изградиме велосипедска мрежа која ги поврзува сите големи улици во градот и булеварот 1 Мај, се до рекреативниот центар Ниже Поле и националниот парк Пелистер. Ќе извршиме модернизација и реконструкција на трите градски сообраќајни влезови – вети Кондовски.

Тој најави дека ќе го забрзаат локалниот индустриско-економски развој преку обнова и изградба на локалната индустриска артерија која ги опфаќа улица Индустриска и Индустриски пат. Битола ќе добие голем мултифункционален спортски центар со фудбалско, кошаркарско и тениско игралиште, затворен базен и аквапарк.

– Во соработка со Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола, каде ја стекнав целата моја наобразба, ќе формираме технолошки парк. Преку него младите ќе ги реализираат своите бизнис идеи помогнати со финансиска, кадровска и административна поддршка. Битола ќе биде зелен град. Ќе ги зголемиме зелените градски површини за 30 отсто. Ќе ги развиеме зелените површини на Тумбе кафе и ќе никнат многу нови детски паркови. Ќе следуваат субвенции за енергетски ефикасни фасади, велосипеди, плински уреди за возила, како и за набавка на хибридни или електрични возила – вели Кондовски.

Според него, во концептот Битола зелен град одлично се вклопува планираната гасификација и топлификација со кои ќе бидат опфатени првите индустриски капацитети и 35 јавни објекти.  Тој додаде дека Битола не би била Битола без современ ски центар. Кондовски најави современа опрема за ски центарот Ниже поле, за заснежување и правење на вештачки снег и  замена на трите ски лифтови со нови.

– На задоволство на најмладите и нивните родители Зоолошката градина ќе биде целосно модернизирана и просторно проширена, а нејзиниот животински фонд ќе се зголемен за 20 отсто. Токму овие проекти, проследени со десетици други содржани во програмата драстично ќе го подигнат нивото и стандардот на нашето локалното живеење. Но, не ви го ветувам само тоа, туку и целата моја енергичност, знаење, храброст и менаџерско искуство кои ќе бидат во функција на неколкукратно зголемена продуктивност на Општината. Ќе се работи со полна пареа. Нема повеќе „нема или не може“, за сè што е во рамките на законот, а е надлежност на општината. Нема и не смее да има задоцнети решенија за градба, зафрлени документи. Долгогодишната легализација на објектите драстично ќе се забрза. Не смее да има неуслужен граѓанин. За сето ова да ме држите за збор! Оние кои добро ме познаваат, знаат. Тоа што ветувам, тоа го исполнувам. Кај мене, зборот е збор – рече Кондовски пред битолчани.

Тој додаде дека со заедничката визија, со посветено и домаќинско работење ќе обезбедат Битола да прерасне во економски просперитетна средина, општина со силни локални институции, високи еколошки стандарди, развиена културна и спортска сцена.

 

Поврзани содржини