КОНДОВСКИ ИМА РЕШЕНИЕ ЗА МЕТЕЖОТ ВО БИТОЛА Најавена е изградба на седум кружни крстосници

Дополнително, преку комплетна студија ќе се нотираат сите инфраструктурни потреби за лицата со попреченост, за потоа да се обезбедат сите сообраќајни пристапи и пристапи до институциите, што за нив се неопходни.

301

Битола ќе прерасне во град по мерка на човекот. Град со квалитетни и напредни сообраќајни и инфраструктурни решенија кој ќе го направат побезбеден, попристапен и поорганизиран, најави кандидатот за градоначалник Христо Кондовски на СДСМ и коалициските партнери.

Тој ветува дека општината ќе биде подобна за беспрекорно движење на автомобилите, пешаците, велосипедистите и јавниот превоз.






Еден од важните проекти во таа насока е изградбата на кружни крстосници кои имаат значајна функција во поглед на сообраќајната ефикасност и намалување на метежот на улиците.

– Најавувам изградба на седум кружни крстосници, засновани на веќе направена сообраќајна студија. Истите ќе имаат значаен позитивен импакт врз сообраќајниот тек во градот – вели Кондовски.

Кружните крстосници ќе бидат изградени на локации на примарната мрежа која ги опфаќа улиците: Довлеџик и Васко Карангелевски, Македонска Фаланга, Прилепска и улица Партизанска. Овој зафат, исто така, ќе опфати и реконструкција на Булеварот  1 мај.

Според Кондовски две кружни крстосници се планирани на улицата 8-ми Септември, од Дулие до границата со Генералниот урбанистички план.

– Со тоа ќе се решат влезовите во Стрелиште, Стрежево, Горно Оризари (лево и десно), а ќе се осигура и безбедно преминување на децата кон Подрачното основно училиште Тодор Ангелевски во Горно Оризари – вели кандидатот на СДСМ и коалициските партнери.

Рокот за изведба на овој проект е 4 години, а неговата вредност изнесува десет и пол (10.500.000) милиони евра.

Дополнително, преку комплетна студија ќе се нотираат сите инфраструктурни потреби за лицата со попреченост, за потоа да се обезбедат сите сообраќајни пристапи и пристапи до институциите, што за нив се неопходни.

– Воедно, најавувам рехабилитација на градскиот коловоз со квалитетни материјали и ефикасна изведба. На улиците ќе се работи и ноќе, кога условите ќе го дозволуваат тоа. Целта е побрза изведба, но без создавање метеж. На крај, ветувам обележување на сообраќајните површини со хоризонтална, вертикална и светлосна сигнализација и поставување на урбана опрема преку воведување на модел на катастар на сообраќајна сигнализација. Ова се најдобрите сообраќајни проекти и најдоброто за Битола и битолчани – изјави Кондовски при претставувањето на неговиот план за изградба на кружните крстосници.

Поврзани содржини