Формирање на јавно претпријатие за туризам со цел развој на туризмот во општина Битола, вечерва во дебатна емисија на ТВ Телма посветена на локалните избори најави кандидатот на СДСМ и коалициските партнери за градоначалник на Битола, Христо Кондовски.
– Во ова јавно претпријатие за туризам покрај луѓе од општината, покрај советниците, ќе бидат вклучени и луѓе од еснафот, од туристичките агенции и од угостителските објекти. Целта на ова претпријатие ќе биде да ги задржиме туристите на повеќе од еден ден во Битола. Секаде каде бев меѓу граѓаните, меѓу тие целни групи, сите го потенцираа истото. Значи тоа јавно претпријатие егзактно ќе се бави со таа проблематика. Ќе биде лоцирано во близина на спортската сала и тој проект ќе го промовирам во наредните денови – рече Кондовски.
Во функција на туристички развој е и проектот за модернизација на скијачкиот центар Ниже Поле кој веќе го промовиравме пред битолчани, рече Кондовски.
– Во рамите на тој проект ќе се набави опрема за заснежување и правење вештачки снег, буквално велам дека во Битола во зима ќе се скија и кога нема снег. Со тоа ќе ги привлечеме туристите – рече тој.
Тој посочи дека туристи ќе привлекува и зоолошката градина во Битола, за која веќе е промовиран проект за нејзина модернизација и проширување.