Концесионерите на рудници го поткраднуваат националното богатство користејќи ги слабостите на системот
Како резултат на наведените слабости, велат ревизорите, за периодот 2016 – 2020 година, има помала наплата на концесиски надоместоци во износ од 33 милиони денари од кои 14 милиони денари по основ на простор и 19 милиони денари по основ на експлоатирана минерална суровина.
Ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација, ископ на одделени пропратни метали за кој државата не се информира и согласно тоа помалку износ на надоместок кај дел од концесионерите на рудниците во земјава, констатираат ревизорите во последниот извештај за „Ефективноста на мерките и активностите за искористување на минералните суровини и наплата на надоместоците“.
Ваквата состојба, според ревизорите, е резултат на недостатокот на долгорочно стратешко планирање, честите измени и дополнувања на законските одредби, отсуствотото на подзаконски акти, недоволна институционална соработка и нецелосно воспоставен катастар на наоѓалишта и појави на минерални суровини не обезбедуваат стабилна основа за водење ефективна политика на управување со минералните суровини во земјава.
– Непрецизираните рокови и ненавременото склучување договорите го пролонгираат времетраењето на постапките за доделување на концесиите за минерални суровини, има негативни импликации врз економскиот интерес на субјектите, а не доволно утврдените обврски на концесионерите не обезбедуваат правна заштита, во случај на неисполнување на законските одредби – велат ревизорите.
Слабост на системот, според ревизорите, е и тоа што концесионерите не се задолжени да доставуваат пресметки за продадените количини на минерални суровини, ниту се регулирани прашањата за надоместоците во однос на експлоатираните количини кои се користат за сопствени потреби и доколку на ист концесиски простор се искористува повеќе од една минерална суровина.
– Ваквата системска поставеност за наплата и евиденција на концесиските надоместоци не дава можност за проверка на пресметките, што претставува ограничување во извршувањето надзор и контрола на целосноста и веродостојноста на приходите од концесиските надоместоци – велат ревизорите.
Како резултат на наведените слабости за периодот 2016 – 2020 година, има помала наплата на концесиски надоместоци во износ од 33 милиони денари од кои 14 милиони денари по основ на простор и 19 милиони денари по основ на експлоатирана минерална суровина.
За истиот период, утврдено е во ревизијата, ненавремено со задоцнување наплатени се вкупно 695 милиони денари (83 милиони денари по основ на простор и 612 милиони денари по основ на експлоатација на минерална суровина, за што не е пресметана законска затезна камата.
– Од четири концесионери предмет на проверка, тројца вршат ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација, што ја поседуваат, на вкупен простор од 25.546 квадратни метри. Дел од концесионерите за металични минерални суровини не го прикажуваат и плаќаат надоместокот за количеството на сребро метал и во оловниот и цинковиот концентрат. Кај еден концесионер забележано е мало флотациско искористување на цинк метал, а голем процент на истекување во хидројаловиштето – наведуваат ревизорите.
Сепак, по извршената проверка и укажувања од страна на ревизијата до концесионерите, дополнително се уплатени 10 милиони денари.
Според ревизорите, вршењето инспекциски надзор без дефинирани критериуми за избор на субјекти, нецелосно реализирање на планираните редовни инспекциски надзори, делумно извршени контролни надзори по издадените решенија за отстранување на неправилности, отсуство на независна акредитирана лабораторија, недостаток на финансиски средства и опрема не обезбедуваат ефективен контролен механизам.
За да се подобри состојбата ревизорите даваат и препораки за подобрување на состојбите во делот на: правната и институционална поставеност на системот на управување со минералните суровини, функционалноста и ефективноста на постапките за доделување/одземање на концесиите за минералните суровини, наплатата на концесиските надоместоци и воспоставениот механизам за надзор и контрола над работењето на концесионерите, а со цел оптимално искористување на минералните суровини согласно начелата на одржлив развој.