КОНЦЕРТ ЗА СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ Групата „Меморија“ најави дружба со фановите на 11 јуни

На денот на концертот, пред „Меморија“ ќе настапат „2Be“ и Ламбе Алабаковски, а гости на концертот ќе бидат „Некст тајм“, „Ласт експедишн“, „Морал“ и „Конкорд“.

176

Групата „Меморија“ за концертот на 11 јуни годинава најави концерт за сите генерации каде што за првпат ќе се воведе платформа за лицата со телесен инвалидитет. На денешната прес-конференција тие исто така најавија дека на концертот ќе се воспостави и трибина од 150 седишта.

– За првпат во Македонија ќе направиме една платформа на која ќе има место за стотина луѓе со телесен инвалидитет, и тие ќе бидат за првпат привилегирани да можат да го гледаат концертот во целина со две платформи, едната во висина со 80 см, другата во висина од метар – изјави Петар Георгиевски – Камиказа на денешната прес-конференција.






Тој информираше дека здружението „Мобилност“ ќе ја предводи платформата за лицата со телесен инвалидитет.

Освен тоа, најавено е дека ќе има и 150 седишта за кои ќе се направи трибина на самиот концерт, а билетите за седиштата ќе бидат во продажба од утре во Југотон или онлајн на страната „Купи карти за се“.

На денот на концертот, пред „Меморија“ ќе настапат „2Be“ и Ламбе Алабаковски, а гости на концертот ќе бидат „Некст тајм“, „Ласт експедишн“, „Морал“ и „Конкорд“.

– Првпат после 30 и нешто години Сеад Јакупи, оригиналниот пејач на „Конкорд“ специјално ќе допатува на концертот на „Меморија“ и ќе ја изведат заедно со Венко Серафимов оригиналната песна, се разбира и со целиот наш бенд на „Високи штикли и црни чорапи“ – истакна Георгиевски.

Тој додаде дека на концертот што ќе се одржи на 11 јуни на стадионот на АРМ групата ќе свири и пее за сите генерации.

Претставничката од здружението „Мобилност“ рече дека овој гест за нив е од особено значење затоа што секогаш имале проблем за пристапност на настаните.

– Музиката нема граница, ја слушаме сите од 7 до 77 и после, така за нас овој гест беше од особено значење бидејќи на концертите и било кои други спектакли што се случуваат во нашата држава секогаш ни е проблем таа пристапност, како да се дојде до местото на настанот, како да може сите тие работи да бидат за нас овозможени – истакна таа.

Додаде дека благодарение на таа платформа добиваат и тие можност да присуствуваат на настанот, да бидат уважени и да бидат дел од заедницата како што прилега на конвенцијата и низ сите други начела што ги има во светот.

Како што најавија членовите на групата, на концертот ќе има и други изненадувања.

Поврзани содржини