„КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“ И „ПАРКОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ЌЕ ГИ РАКОВОДАТ КАДРИ НА ВРЕДИ Постигнат важен договор меѓу коалициските партнери
Со оглед на високите бројки на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди на анкетите, по изборите на 19 октомври двете партии ќе бидат во можност да ги бираат кадрите во претпријатијата, а со тоа и да ја подобрат состојбата во главниот град.
Градските претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ во Скопје ќе ги раководат кадри од Коалицијата Вреди, дознава Плусинфо.
Овој важен коалициски договор за прераспределбата на функциите на локално ниво меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди е постигнат неодамна.
Од високи партиски извори добивме потврда дека Ѓорѓиевски сака да влезе во конкретна акција утрото по локалните избори и побарал од раководството на ВМРО-ДПМНЕ одредени важни позиции во коалицијата да не се оставаат за решавање понатаму. Особено што тој најави генералка за чистење на Скопје од првиот ден.
Од тие причини работни групи на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди активно разговараат за кадровска распределба на јавните претпријатија под надлежност на Град Скопје. Според истите извори веќе постои согласност дека со неколку претпријатија, меѓу кои „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ ќе управуваат кадри кои ќе ги определи Вреди. Ваквиот пристап е уште една потврда дека на владините партнери им е многу јасно дека граѓаните сакаат брзи резултати и на централно и на локално ниво.
Според анкетите за претстојните локални избори кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски е во убедливо водство пред другите кандидати и се очекува негова сигурна победа. Кандидатот за градоначалник на Чаир од Вреди, актуелниот прв вицепремиер Изер Меџити, според анкетите, исто така е во водство.
Со оглед на високите бројки на ВМРО-ДПМНЕ и на Вреди на анкетите, по изборите на 19 октомври двете партии ќе бидат во можност да ги бираат кадрите во претпријатијата, а со тоа и да ја подобрат состојбата во главниот град. Во „Комунална хигиена“ има околу 1.200 вработени, а во „Паркови и зеленило“ околу 500.
На денешната промоција на Ѓорѓиевски за кандидат за скопски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и тој и премиерот Христијан Мицкоски потенцираа дека Скопје е валкан и запустен град што мора итно да се исчисти и да заличи на метропола, а за тоа клучна улога ќе имаат јавните градски претпријатија. Ѓоргиевски најави дека прво со што ќе се зафати ќе биде јавната хигиена.