КОМУ МУ ПРЕЧИ МИРОТ ВО ЗООЛОШКА? Влегле во ЗОО, пресекле катанци и пуштиле неколку животни

Поради овие настани зголемена е будноста кај персоналот, а дополнително е зголемено и обезбедувањето во ноќната смена.

778

Неколку немили настани се случиле во Зоолошката градина Скопје за кои директорот на Кристијан Стаменов денеска побара од МВР да ги открие сторителите.

На 10 април годинава дванаесетина луѓе неовластено влегле петнаесет минути пред затворање на градината што било пријавено во полицијата. На 28 април службите во Зооолошката градина констатирале дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамки на просторот во Градината.






– По рекордната посетеност во Зоолошката градина со над 14.000 посетители, на 09 мај во 00:30 часот имаше обид да се обие влезната врата од благајната. Сторителот е фатен од безбедносните камери на Зоолошката градина како во два наврата се обидува да го обие влезот на благајната, претпоставуваме со цел да направи финансиска штета. Но, снимениот поединец останал само на обидотзатоа што како што се гледа на снимката не можел да го обие влезот на билетарата и благајната по што настаната е незначителна материјална штета. Овој настан уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош – рече Стаменов.

Тој додаде дека поради овие настани зголемена е будноста кај персоналот, а дополнително е зголемено и обезбедувањето во ноќната смена.

– Цениме дека сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на работата и функционирањето на Зоолошката градина. Треба да се прашаме кому му пречи успешноста на Зоолошката градина.

Остро ги осудуваме сите овие обиди да се наштети на нашата работа, но и на безбедноста на животните. Се надеваме дека службите од Министерството за внатрешни работи ќе работат интензивно на откривање на сторителите, со цел да се спречат и понатамошни вакви обиди.

Сакам да потенцирам дека овие обиди нема да нѐ обесхрабрат туку напротив ни даваат мотив плус да работиме уште повеќе за поубава и попосетена Зоолошка градина Скопје – порача директорот Кристијан Стаменов.

Поврзани содржини