Кому му пречи еу?
Воопшто не се воздржувам да кажам дека оваа еу, ваква каква е, е потребна само на еден грст олигарси и маалски политиканти. На првите заради патолошката алчност и вообичаените бизнис интереси – заради што, патем, и нам ни го инсталираа препродавачон од Муртино! – а на вторите заради неспособноста да работат што и да е чесно во животот. И заради парите, се разбира.
Прашањето од насловот, во таа или некоја слична форма, дури и да е реторичко, е прилично незрело, неинтелигентно и несоодветно за 21-от век. Згора, во себе крие многу нијанси на автархичност, ксенофобичност, нецивилизираност… итн. Зашто, кому воопшто, и зошто, би му пречела некаква политикантско-економска заедница, ако истата се базира на слободна волја односно избор на здружените држави односно граѓани? Зборот политикантска го употребувам како замена за поимот политичка бидејќи еу (малите букви се…) денес нема и не може да има заедничка политика!
Но, ако прашањето од насловот се преформулира со додавката „ваква“ – кому му пречи ваква еу – тоа добива сосема поинаква и прилично современа смисла, нели? А дали баш само Трамп сака оваа и ваква еу да ја нема е – сосема друга приказна. Но како по некое правило, нашиве пак локални „мудреци“ во битпазарски тоги веднаш, како по наредба, запињаат да ја бранат. Но, навистина, кому воопшто му е потребна ваква еу, и за што?
Воопшто не се воздржувам да кажам дека оваа еу, ваква каква е, е потребна само на еден грст олигарси и маалски политиканти. На првите заради патолошката алчност и вообичаените бизнис интереси – заради што, патем, и нам ни го инсталираа препродавачон од Муртино! – а на вторите заради неспособноста да работат што и да е чесно во животот. И заради парите, се разбира.
Или, поточно, кога говориме за еу, и не само за неа, не говориме за идеја туку за реализација, не расправаме за теорија туку за пракса… И најмалку размислуваме за потенцијалниот „задгробен“ живот во некое идно време туку за оваа, реална, сегашна простосмртна егзистенција! И во целиот тој контекст дури ни Трамп не може подобро да ја оцени оваа и ваква еу туку Македонија е веројатно еден од малкуте претенденти за меродавно мислење на таа тема. Но кога велам Македонија апсолутно не мислам на оној грст „пајтон интелектуалци“ платени да се „борат“ за некаква евроинтеграција и проектирањето на еу квазидемократијата кај нас.
А не мислам дури ни на некои политикантски „пајтон партии“ – или секти – чиишто божемни заложби за оваа и ваква еу се темелат само и исклучиво на некаква лична диоптрија во којашто тие се гледаат себеси и понатаму во криминогениот „политички“ живот на оваа држава!
Затоа, впрочем, ние и немаме јасна слика за што говориме кога ќе речеме – еу. И не можеме да имаме додека немаме компетентна расправа за „ликот и делото“ на таа еу, денес и овде. А нема ниту да ја имаме сѐ додека јавната сцена и понатаму подмолно ја држат истите „интелектуални“ структури корумпирани меѓународно и локално, лукративно мислечки или воопшто немислечки медиуми, криминални елементи инфилтрирани во сите општествени пори, осудени „џебџии“ од висок профил со приватна обвинителско-правосудна мрежа… итн.
Просто е фантастично како сите „чуда“ – а ги имавме навистина големоформатни, со вреќи пари! – кај нас траат три дена и по правило завршуваат речиси бесшумно небаре станувало збор за палави детски игри, останува нејасно како токму спомнатата обвинителско-правосудна мафија умее со години да ги заташкува највалканите работи во државава оставајќи ги без разрешница итн. И кому сето тоа му одговара, кому му оди во прилог оваа мачна атмосфера на продолжување на тивката културна војна против државава, сега водена од локални „мудреци“ како замена за пропаднатите меѓународни „демократски“ организации? А кога ги слушате/читате, просто страв да ве фати: Европа требала одамна да го забрани „Х“, Маск бил Тројански коњ… Па да обесиме некого, да стреламе…, а?
Ние, де факто, денес апсолутно немаме потреба да се замајуваме со Моне и Шуман, но имаме – па и мораме – отворено да говориме за Урсула фон дер Лајен која сака да ја вооружува Европа, за Каја Калас која сака да ја распарчи Русија, за Мете Фредериксен која смета дека мирот во Украина е поопасен од тековната војна бидејќи Путин веќе утре може да нападне некој друг па затоа таа „госпожа“ инсистира Русија да биде поразена… Но, не смееме да го заобиколиме ниту секогаш помпезниот Макрон – или „Микрон“, како сакате – кој само пред два-три дена, во обраќањето до нацијата, филозофирал дека Русија е закана за Франција и за Европа, дека војната во Украина е веќе глобален конфликт и дека тој е отворен за разговори за проширување на францускиот нуклеарен чадор за сојузниците во Европа (sic!).
Потсетува ли оваа атмосфера, оваа манијакална опседнатост со Русија, на некои други европски времиња пред 1940-та, на ширењето фобии и омрази кон „другиот“? А во контекстот на таквите потсетувања, да ги спомнам и воведувањето „стандарди“ што проскрибираат култури, што не дозволуваат спортисти да кажат од каде се, го забранува знамето и грбот на европски држави, казнуваат навивачи заради непожелни знамиња… итн. Тоа ли е таа „Нова Европа“ со нејзината матица викана еу, со старите лозунзи за надмоќ и превласт, со автархичниот империјален шмек?
Ако е тоа денешната еу, ако е тоа нивната актуелна логика, тогаш никогаш ќе нема крај на војната! Не само на оваа туку на војната како „феномен“ којшто, очигледно, некому му е неопходен. Тоа ли е и нашата опција, нашето видување на европската идеја за демократијата?
И многу би сакал да слушнам што всушност имаме ние заедничко со овие луѓе? Кои се тие други идеи – освен спомнатите! – што циркулираат низ оваа и ваква еу, а коишто нам би ни биле толку важни односно неопходни? И кои вредности и стандарди?
Дали е тоа онаа „вредност“ на безобразниот Ле Риголе кој само пред некој ден посочи дека „тоа е вредноста која денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик“. Ама, извинете, таа „вредност“ не се однесува на нас туку на – Украина! Таа очигледно им е поблиска и поважна. Фактот што ние со децении сме тормозени по истите основи – непочитување на сувереноста, негирање на постоење, идентитет и јазик – тоа оваа еу не ја засега! Таа „вредност“ на негирање и неправда еу, а особено Франција, во нашиот случај дури и ја заштитува, поттикнува, брани!
Британскиот премиер Кир Стармер се треска од земја и воскликнува дека „Три години по целосната брутална инвазија на Путин на Украина, за прв пат како генерација се соочуваме со моменти кои се значајни за нашата колективна безбедност и нашите вредности. Остануваме на страната на Украина сè до постигнувањето на праведен и траен мир. Сла́ва Украини!“. Но ние сме триесет години брутално шиканирани токму од еу, соочени со целосно непочитување на интегритетот и суверенитетот на државата, со негирање на основните човекови права на историското име и симболи на земјата… ама нам никој не ни посакува слава и просперитет. А, Стармер ниту сака да го знае името на оваа држава за да ја „слави“!
Ама, затоа, таа немало „да го заборави нашето влегување во американскиот воз“! Па дајте, ве молам.
Оттука, денешнава и ваква еу одамна не е идеја, уште помалку е демократија на којашто државите треба да се угледаат. Целата симболика на некогашна Европа е уништена од еу – правото и правдата, слободата, интелектуалноста…, но и демократијата. Она што таму е останато од овие принципи се само партали од некогашната Европа. Генерациите кои имаа можност да ја запознаат таа Европа пред појавата на современово чудовиште викано еу знаат на што мислам. Но таа Европа нема повторно да се врати. Напротив! Таа „Нова Европа“, предводена од ваква еу, ако вака продолжи, ќе се дозаплеткува во некакви анахрони идеи за моќ и слава и ќе чека некој нов Наполеон или Адолф. И нема да чека долго. А потоа…
П.С.
А потоа следува она што ѝ се случи во Софија на руската амбасадорка. Бугарија никогаш не сум ја сметал за Европа, но таа де факто е членка на еу. А кога хистеријата допира и до такви земји со историја како Бугарија…