КОМПРЕСОРСКА СТАНИЦА ОД ИДНАТА ГОДИНА Сѐ уште не се знае дали пријавената фирма ги исполнува условите
Во контекст на проблемите на Клиниката „Мајка Тереза“, министерот посочи дека сѐ уште не знае дали пријавената фирма ги исполнува условите, со што наведе дека нема да има нова компресорска станица до крајот на годинава.
И со преполовени операциони сали, лекарите добро се снаоѓаат на Клиниката „Мајка Тереза“, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари, по посетата на Универзитетската клиника за очни болести.
Во контекст на проблемите на клиниката, министерот посочи дека сѐ уште не знае дали пријавената фирма ги исполнува условите, со што наведе дека нема да има нова компресорска станица до крајот на годинава.
– Се надевам дека ќе има нова станица на почетокот на идната година – изјави Таравари.
Министерот најави дека ќе се бара начин да се поправи и старата компресорска станица која може да служи како резерва на Клиниката.
Инаку, министерот Таравари присуствуваше на промоцијата на нов современ апарат во Универзитетската клиника за очни болести, офтамолошки микроскоп со кој ќе можат да се вршат повеќе од 200 операции годишно, според изјавата на министерот.
Министерот за здравство воедно говореше и за капацитетите на Клиниката која располага со 3 целосно опремени хируршки сали, а во претстојниот период, најави тој, фокусот ќе биде на развој на веќе имплементираните хируршки и дијагностички процедури.
– Со овој микроскоп се третираат и предниот и задниот сегмент на окото. Одиме чекор понапред во подобриот третман и подоброто давање здравствени услуги. Предвидувањата се дека месечно ќе се прават околу 200 операции со новиот микроскоп или годишно приближно 2.000 – истакна Таравари.
Министерот за здравство говореше и за договорите за работа на лекарите во јавното здравство.
– Во јавното здравство речиси 2.500 лица се со договор за работа. Нашата тенденција ќе биде до крајот на годината да им дадеме решенија барем на дел од нив, се надевам на барем половината, ако изнајдеме решение со постоечкиот буџет, а за оние што ќе останат, ќе видиме идната година.
Арбен Таравари информираше и дека најверојатно до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори-специјализанти.
– Ќе почнеме од октомври-ноември со апликации и се надевам дека до крајот на годината ќе се вработат првите 300 доктори-специјализанти. Досега се пријавени околу 480 од вкупно 640. Здравството ќе има плус решенија за минимум уште 500 доктори – појасни министерот.
Според него, мора да се применува праксата на вработување квалитетни кадри, а не по партиски клуч. Треба да се примаат медицински лица, нагласи Таравари, врз основа на нивното знаење, а не врз основа на тоа дали некој е Македонец, Албанец, Турчин или нешто друго.
Министерот најави и дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови, потсетувајќи дека кога бил министер за здравство во 2017 година, разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.
Според Таравари, има јасна анализа колку пари чинеле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.
– Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови. Мислам дека сумата е значајна и со тие пари – место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, а да не биде директор – би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции… Целта беше таа, не е отсега таа цел. И во 2017 година, кога бев министер за здравство, разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 – 15 неразрешени – истакна Таравари.