КОМПЛЕТИРАН НОВИОТ УПРАВЕН ОДБОР НА НЛБ БАНКА Значајна пресвртница на патот кон стабилност и стратешки раст

По регулаторното одобрување од Народната банка, за нови членови на УО се назначени Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов.

460

НЛБ Банка Скопје успешно го комплетираше новиот Управен одбор. Откако Народната банка додели согласности на тројца нови членови на Управниот одбор, истовремено продолжувајќи го мандатот на еден постоечки член, проширениот Управен одбор, под раководство на претседателот Тони Стојановски, е целосно конституиран и подготвен да ја води Банката во следното поглавје.

Како што беше претходно соопштено, во јули годинава, Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје донесе одлуки за ре-именување на постоечки член и именување на тројца нови членови на Управниот одбор. Со ова, НЛБ Банка го зголеми бројот на членови на Управниот одбор од досегашните четири, на пет члена во одборот, правејќи значаен чекор во зајакнувањето на раководната структура на Банката.






Во 2026 година, НЛБ Банка влегува со нов состав на Управниот одбор. По регулаторното одобрување од Народната банка, за нови членови на УО се назначуваат Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов. Откако доби нов мандат од Народната банка, во одборот продолжува и Катерина Јанковиќ. Овој лидерски тим, под раководство на претседателот Тони Стојановски, е целосно подготвен и посветен кон извонредност, обезбедување долгорочна стабилност и стратешки раст на Банката.

-Проширениот состав на Управниот одбор претставува дополнително зајакнување на управувачките капацитети на Банката и создава силна основа за реализирање на нашите стратешки приоритети. Упатувам искрени честитки до сите членови на Управниот одбор, моите колеги, за нивното назначување. Уверен сум дека нивната докажана експертиза, професионален интегритет и посветеност ќе дадат значаен придонес во натамошниот развој и стабилноста на Банката. Заедно, со јасна визија и одговорно управување, ќе продолжиме да ја водиме Банката кон нови хоризонти и одржлив раст, создавајќи вредност за нашите клиенти, вработените и заедницата. Воедно, изразувам длабока благодарност до досегашните членови на Управниот одбор, Петер Зелен и Игор Давчевски, за нивниот ангажман, професионализам и придонес во работењето на Банката и им посакувам успех во идните професионални предизвици – истакнува Претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски.

Новиот Управен одбор ја истакнува посветеноста на НЛБ Банка Скопје кон силно корпоративно управување, искусно и напредно лидерство, усогласено со долгорочните цели и визијата на Банката и НЛБ Групацијата. НЛБ Банка останува непоколеблива во својата посветеност кон извонредност, иновации, врвно корисничко искуство и финансиски решенија што им овозможуваат на поединците и бизнисите да ги постигнат своите цели, истовремено одржувајќи ги највисоките стандарди на интегритет и одговорност.

Кои се новите членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје?

Бојан Стојаноски – (надлежен за областа Корпоративно банкарство) е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како Заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како Заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.

Драгиша Тадиќ – (надлежен за областа Ризици) доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Leasing&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград. Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.

Кирил Бухов – (надлежен за областа Операции) се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомукациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и  магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

 

Поврзани содржини